Земјотресот во Турција и теориите на заговор

Еден од најексплоатираните „жанрови“ на лажни вести на глобално ниво се теориите на заговор. Како дел од арсеналот на лажните вести, теориите на заговор служат за масовна манипулација со јавното мислење, најчесто за политички, бизнис и геополитички интереси. Тие почиваат на верувањето дека моќни сили, заговорници, тајно ги манипулираат настаните или состојбите зад сцената со мрачни цели. Според теориите на заговор, ништо не се случува случајно и нема коинциденции, ништо не е како што на прв поглед изгледа и се е поврзано, а светот се дели на добри и лоши луѓе, при што, се разбира, го управуваат лошите.

Плодна почва за лансирање теории на заговор се неразјаснети и мистериозни настани, убиства и атентати, но и големи несреќи и природни катастрофи, како што се цунамија и земјотреси, глобални епидемии на вируси и сл. во кои има огромна загуба на човечки животи.

Меѓу последните глобални теории на заговор, е пандемијата на Ковид 19, при што имаше повеќе заговорнички поттеории – дека вирусот е намерно произведен за да убива, дека вирусот е комплетна измама и дека не постои, дека е резултат на воведувањето безжична мрежа 5Г, дека е употребен за вакцини кои содржат микрочипови што ја менуваат ДНК на населението итн. итн. Други познати глобални заговорнички теории низ историјата се слетувањето на месечината на ракетата Аполо 11 во 1969 г. кое се смета за измама која ја инсценирала Владата на САД за да победи во трката со Советскиот сојуз за освојување на космосот, потоа атентатот на американскиот претседател Џон Кенеди, за кој мнозинството Американци се уште веруваат во заговор зад кој стојат американските власти, трагичната сообраќајна несреќа во Париз во која загина принцезата Дијана, зад која луѓето веруваат дека стои принцот Чарлс (сега крал) и кралското семејство, терористичките настани од 11 септември 2001 г. во САД за кои дел од Американците, но и граѓани од целиот свет, се уште мислат дека се заговор однатре итн. итн.

Геополитичките поделби во светот, изразени преку војните што се случуваат на Блискиот Исток и во Украина, само ја потхрануваат оваа индустрија која ја злоупотребува врвната комуникациска технологија за молњевито ширење на теориите на заговор преку социјалните мрежи, но и на таблоидните интернет медиуми.

Катастрофалниот земјотрес кој се случи на југот во Турција во февруари оваа година кој беше со магнитуда од 7.8 степени и однесе близу 60.000 животи (плус 8500 жртви во Сирија) е класичен пример за појавата на теории на заговор.

Времето на случувањето на земјотресот во Турција се поклопи со жешката геополитичка расправа околу противењето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на апликацијата за зачленување на Шведска и Финска во НАТО, како последица од агресијата на Русија врз Украина. И покрај тоа што Турција ја снабдува со оружје Украина, за разлика од другите членки на Алијансата, таа не воведе санкции кон Русија, а поради противењето за ширење на НАТО, Ердоган беше означен во западната јавност како нелојален партнер и соработник на Путин. Тоа, се разбира, создаде погодна клима за лансирање заговорнички теории околу земјотресот.

Веднаш по катаклизмичниот настан, на социјалните мрежи се појавија снимки од мистериозна сина светлина што му претходела на земјотресот. Оваа појава веднаш беше поврзана со можноста за употреба на наводно мистериозно тектонско оружје.

Социјалните мрежи беа преплавени со заговорнички теории поткрепени со наводни докази од настанот, а најдобра компилација за сите нив дава говорот на романската сенаторка од крајната десница, Дијана Шошоача, од 12 февруари 2023 г. Таа се обрати до јавноста преку алармантно видео во кое меѓу другото вели:

„…Веќе три години доживуваме вистинска кампања на масовно убивање ширум светот, било преку наводни пандемии и непосредnа потреба за вбризгување непроверени вакцини кои убиваат луѓе, било преку војни кои ја намалуваат светската популација… Доживеавме да бидеме сведоци на земјотрес по команда, што е всушност напад на Турција од страна на најголемите моќници на кои не им се допаѓа што Реџеп Таип Ердоган не ги слуша… Неговиот став да го блокира влезот на Шведска во НАТО, неговиот говор во Давос… Но никој не мислеше дека луѓе ќе мораат да гинат, толку луѓе, и тоа на така страшен начин. И тоа е само предупредување, зашто тоа не беше најнаселеното подрачје на Турција…“

Романската сенаторка од крајната десница, Дијана Шошоача на 12 февруари годинава објави видео со алармантен говор

Како наводна поткрепа на тезата дека станува збор за намерно предизвикан земјотрес, пратеничката во своето обраќање спомнува „150 дополнителни потреси, секој следен поголем од првиот“,„подрачје вештачки стимулирано“ за предизвикување земјотрес и за таа цел употреба на „геолошко оружје кое постоело многу долго, но досега било користено без предизвикување многу жртви“. Наводен доказ дека не станува збор за природен земјотрес, според сенаторката било и тоа што „немало епицентар, туку линија со илјадници земјотреси“. Целта на предизвикувањето на земјотресот, како што посочува таа, било и уништување на гасоводите и нафтоводите во Турција, но 10 секунди пред земјотресот, Турците наводно ги исклучиле од употреба. Многу индикативен настан, кој наводно потврдува дека за земјотресот претходно знаење имале западните земји, е тоа што 10 од нив, 24 часа пред катастрофата, ги повлекле своите амбасадори од Турција!?

Меѓу првите „теории“ беше дека земјотресот е вештачки предизвикан

Навистина, спектакуларни тврдења на сенаторката, кои, доколку се вистинити, откриваат вистински заговор. Се разбира, овие тврдења не се нејзини изворни, таа само ги презема од социјалните мрежи како и од познати конспиролози, распослани по интернет. Слични тврдења објавија и веб-страници на македонски јазик.

Во хаосот од лажни вести се најдоа и макеоднски вебстраници

Што се однесува до сината светлина, таа веднаш е објаснета од научниците. Таква светлина, според извештаите на Американското сеизмолошко друштво документирана е уште од 17 век и се забележува во 0,5 отсто од земјотресите, најчесто во разорните земјотреси со голема магнитуда, каков што бил на пример оној во Мексико во септември 2021 г., а нејзиното траење е еден дел од секундата.

Во врска со наводното оружје кое може да предизвикува земјотреси, најмногу врева се крена околу т.н. ХААРП систем, програма која ги истражува својствата и однесувањето на јоносферата (High-frequency Active Auroral Research Program). Во 2015 г. истражувачкиот центар бил пренесен од седиштето на Воздушните сили на САД (Air Force USA) на универзитетот Фербенкс во Аљаска. Според научниците на овој институт, истражувачката опрема на ХААРП не може да предизвика ниту пак да ги засили природните катастрофи. Тие велат дека ХААРП е радио предавател кој е најголем од сите радио предаватели, но нема теоретска можност ниту да ги менува временските прилики, а уште помалку да предизвикува земјотреси.

Во мноштвото лажни вести се појави и научникот Никола Тесла

Исто така и наводната машина на Никола Тесла за предизвикување земјотреси, нема таква можност. Угледниот научник на крајот од 19 век изумил осцилатор со висока фреквенција, но недоволно силен да ги раздвижува тектонските плочи, тврдат научниците.

Епицентарот на земјотресот во Турција, пак, наспроти тврдењата на сенаторката дека го нема, е точно определен. Тој е лоциран 37 километри северозападно од турскиот град Газиантеп. Земјотресот имал максимален интензитет по Меркалиевата скала од 12 (екстремен) околу епицентарот и во Антакија. Лага е, исто така, дека афтер-шоковите биле поголеми од првиот удар (иако и таква појава не би била целосно невообичаена). Впрочем, најсилниот афтершок е неколку часа по првиот удар, при што се измерени 7.1 степени по Рихтер, а другите, вкупно 11.000 афтер-шокови забележани само до 1 март 2023 г. сите се со помал интензитет.

Натаму, точно е дека Турција го затворила главниот терминал за нафтоводот во Чејхан, кој пренесува нафта од Азербејџан, откако е забележан мал истек на цевките, но тоа се случило по земјотресот, заради проценка на штетата, а не претходно. Исто така, по земјотресот затворен е привремено и протекот на гас преку гасоводот до Газиантеп во провинцијата Хатаи поради предизвикана штета од земјотресот.

Податокот дека 10 западни држави ги повлекле своите амбасадори од Турција, 24 часа пред земјотресот, зашто наводно имале информации што ќе се случи, е грубо злоупотребена полувистина. Прво, станува збор за привремено затворање на неколку конзулати во Истанбул на САД, Обединетото кралство, Германија, Швајцарија, Италија, Холандија, Шведска и Белгија, една недела пред земјотресот, но не и повлекување на амбасадорите или дипломатите. Причината за тоа се инцидентите на палење на Куранот од страна на активисти на екстремната десница во Европа. Некои од конзулатите не биле ниту затворени, туку само издале предупредувања за евентуални посетители на Турција од нивните земји, дека постои опасност од терористички напади како одмазда за палењето на Куранот. Во соопштенијата се точно наведени и областите во Истанбул кои би можеле да се безбедносно загрозени. Западните дипломати останале во Турција, а ниту една амбасада на овие земји во Анкара не била затворена.

На крајот, зошто, и покрај тоа што најголем дел од лажните информации во врска со земјотресот во Турција се разоткриени, се уште има луѓе кои веруваат дека тој е намерно предизвикан за да се казнат Турција и Ердоган за непослушноста кон САД, НАТО и Запад?!

Како и секоја теорија на заговор, и оваа се храни од неколку извори. Прво, геополитичките поделби се толку силни последниве години, што голем дел од луѓето не сакаат да веруваат во случајноста ниту на природни катастрофи. Поприфатливо им е да веруваат дека се предизвикани од оној што го сметаат за геополитички непријател. Второ, природните катастрофи со огромни последици зачестија (поплави, цунамија, земјотреси), па луѓето не сакаат да веруваат дека тие се дело на природата, иако климатските промени, загревањето на атмосферата, топењето на мразот на половите на планетата, силно придонесуваат за природните катастрофи. Трето, технолошката можност за производство на оружје што би можело да предизвика земјотреси и временски неприлики ќе остане мистерија уште долго време, затоа што моќното оружје само по себе е тајна до која обичните смртници немаат пристап. Не помага научници да ви објаснуваат дека ХААРП-системот, или изумот на Тесла, не може да предизвикаат разорен земјотрес. Секогаш ќе има луѓе што ќе мислат дека и научниците, односно оние што велат дека тоа е лага, се дел од заговорот. Едноставно, теориите на заговор виреат таму каде што има мистерија.

МАКЕДОНСКИ ТЕОРИИ НА ЗАГОВОР

Има и домашни, македонски теории на заговор, како на пример, онаа за загинувањето на претседателот Борис Трајковски во авионската несреќа во Мостар, во февруари 2004 г. И покрај тоа што македонско-босанска комисија утврди дека станува збор за несреќа предизвикана од човечки фактор – пилотите, како и бројни системски пропусти, се уште има многу луѓе што веруваат дека станува збор за намерно соборување на авионот со учество на КФОР (НАТО). За воениот конфликт од 2001 г. со т.н. ОНА, исто така има повеќе теории на заговор, како на пример, дека станува збор за воена операција што ја организирал или помогнал Запад, односно НАТО-Алијансата, потоа дека е смислена во тајните служби на екс-Југославија, односно безбедносно-информативната агенција на Србија на Слободан Милошевиќ. Слично е и со атентатот врз претседателот Киро Глигоров, од октомври 1993 г. кој до денешен ден остана мистерија, а за кој сомневањата и теориите на заговор одат во контрадикторни насоки – од бугарската Мултигруп, преку службите на Слободан Милошевиќ, до обвинувања дека тоа го смислил македонски министер.

А дали во теориите на заговор понекогаш има и некоја вистина? Проблемот е што тие не секогаш почиваат на 100-отстотни лаги. Понекогаш се потпираат на полувистини и мистерии кои е тешко да се одгатнат. Па како тогаш да се спасиме од нив?

Теориите на заговор едноставно ќе продолжат да се множат и распространуваат и тука нема помош. Но, како и при секое консумирање информација што ни се чини неверојатна, наше е да ги проверуваме фактите, да му веруваме на она што можеме да го потврдиме од повеќе различни извори на информации на кои можеме да им веруваме, да бидеме свесни дека за време на војна, политички или геополитички судир во каков што живееме, секогаш страда вистината и да не ги земаме здраво за готово паушалните тврдења. Најважно од се е да останеме критични и сомничави и да не учествуваме во натамошно ширење на теориите на заговор, за и ние да не дадеме придонес кон натамошна поларизација во општеството.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Злоупотреба на мистерии

Теориите на заговор се хранат од мистерии. Ако некои настани се обвиени со велот на тајната, кога станува збор за човечки жртви во масовни убиства, атентати на познати личности, војни и преврати, пандемии со вируси, поплави, земјотреси, цунамија во кои страдаат луѓе, особено ако нема брза разрешница и одговор на прашањето што ги предизвикало, се плетат заговорнички приказни. Чудната сина светлина неколку секунди пред земјотресот во Турција е навистина морничава и невообичаена и злоупотребена е како доказ за наводна употреба на тектонско оружје за предизвикување земјотреси. Но, сеизмолозите утврдиле дека тоа е т.н. сеизмичка светлина, која се јавува во многу мал дел разурнувачки земјотреси, како на пример оние во Мексико, Чиле, Нов Зеланд итн. 

Користење претеран јазик

Користењето зборови и изрази како ХАОС, УЖАС, СТРАВ, ОПАСНОСТ, во врска со појавата на змии во општина Аеродром, е употреба на претеран јазик (loaded language) и може да предизвика паника меѓу граѓаните. Кога се споделуваат вакви информации, мора да се внимава јазикот да биде соодветен на вистинската состојба.

Страшило за лаици

Теоретичарите на заговор обично ги фетишизираат технолошките пронајдоци и легитимните научни откритија и проекти кои служат за научни истражувања за хумани цели сомневајќи се во нивната наводна злоупотреба како оружје за масовни убиства. Со други зборови, прават страшила од нив, пред се затоа што обичните луѓе не разбираат како тие функционираат, ниту пак имаат доверба дека служат за хумани цели. Таков е случајот со проектот за испитување на јоносферата ХААРП, кој според научниците не може да предизвика ниту промена на временските прилики, а не пак земјотрес, како и осцилаторот со висока фреквенција на Никола Тесла, кој според научниците нема моќ да ги раздвижува тектонските плочи. 

Неверодостојни фотографии

Главната фотографија која ја споделуваат сите медиуми како доказ за појавата на змии во општина Аеродром и која како илустрација во соопштението на СДСМ е преземена од постот на граѓанската организација „Ново Лисиче“ е симната од интернет, од австралиска веб-страница. Во медиумите приказната се илустрира и со други фотографии од опасни змии кои се избрани за да делуваат страшно за публиката. Изборот и употребата на неавтентични и неверодостојни фотографии во медиумите и на социјалните мрежи е неодговорен и вестите ги прави лажни.

Измислување докази

За да ја докажат теоријата на заговор, оние што ја пласираат, измислуваат и фалсификуваат докази чија проверка не е тешка, но сепак е потребно да побарате прецизни информации, за што многу луѓе ниту имаат време, ниту пак волја да пребаруваат. Во случајот на земјотресот во Турција, како доказ дека е вештачки предизвикан, лиферувана е измислица дека земјотресот немал епицентар, туку линија на потреси. Тоа, се разбира, е безочна лага, зашто епицентарот бил лоциран 37 километри северозападно од градот Газиантеп. Измислено е и дека секој нареден потрес, афтер-шок, бил посилен од првиот удар, 7,8 степени по Рихтер, што е груба невистина. Сите афтер-шокови биле со помал интензитет! 

Предимензионирање на ситуацијата (од мува – слон)

Во соопштението на СДСМ се говори за ЕНОРМНА ПОЈАВА НА ЗМИИ, а всушност се видени само две, и тоа една жива во запуштената трева кај кулите на „Џевахир“ и една кожа од преслечена змија на тротоар кај маркетот „Тинекс“. Преувеличувањето на состојбите е особено неодговорно кога станува збор за опасности по животот и здравјето на децата.

Случајни совпаѓања

Теоретичарите на заговор користат одредени настани кои случајно се совпаѓаат со настанот кој е предмет на заговорничката теорија и со нивно тенденциозно и лажно прикажување, потоа коинциденциите служат како божемен доказ за заговорот. Таков е случајот со тврдењето дека западните земји знаеле дека ќе се случи катаклизма, ги затвориле своите амбасади од Турција и ги повлекле амбасадорите. А вистината е дека девет држави од Европа неколку дена пред земјотресот во Турција објавиле дека ги затвораат своите конзулати во Истанбул за прием на странки, а некои дури издале и предупредувања за нивни државјани да не се движат во одредени делови од градот поради страв од евентуални терористички напади – како одмазда за палењето на Куранот во Шведска и други европски градови. Немало повлекувања на амбасадори и затворање на амбасадите во Анкара. Настаните случајно се совпаднале, но грубо биле злоупотребени од теоретичарите на заговор.