Медиумски објави |

МКД: Формирана Коалиција за медиумска писменост

Со доделување грантови на осум граѓански организации, Високата школа за новинарство и односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и дневниот весник „Нова Македонија” денеска во ЕУ Инфо-центарот во Скопје, ја основаше Коалицијата за медиумска писменост, поддржана од Европската Унија.

Добитниците на грантовите заедно со своите медиумски партнери се и први членови на коалицијата, чија цел е да се поврзат граѓанските организации и медиумите заеднички да ја едуцираат јавноста како да се справи со мноштвото информации и вести, но и да ги поттикне самите да креираат содржини употребувајќи ги медиумите како алатка за артикулирање на нивните интереси и активно да учествуваат во јавната сфера.

Првите членови на коалицијата во текот на следните две години ќе работат на различни активности во повеќе сегменти од општествениот живот. Доминираат иницијативи кои вклучуваат продукција на медиумски содржини креирани од и за маргинализираните групи граѓани, едукација на младите за критичка перцепција на информациите и вештини за препознавање манипулација и лага, но и практикување професионални новинарски стандарди.

За поуспешна реализација на избраните иницијативи, Високата школа и лондонскиот институт ќе ги обучуваат претставниците на медиумите и на граѓанските организации за основните концепти на медиумската писменост и комуникација со јавноста. Грантистите беа избрани на јавен повик на којшто се пријавија 38 апликанти.

Во наредниот период Високата школа заедно со своите партнери ќе ги покани и другите граѓански организации и институции чија надлежност е во доменот на медиумската писменост да се приклучат кон оваа неформална платформа.

Формирањето на Коалицијата е дел од проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Коалиција за медиумска писменост“ што го финансира Европската Унија.

 

Веста е превземена од mkd.mk