Радио МОФ: Медиумска писменост – алатката што недостасува за активно граѓанство
Со растот на лажните вести и пропагандата, се појави потребата од медиумска писменост. Таа се дефинира како способност критички да се оценуваат медиумските содржини, односно со помош на креативни вештини да се откриваат манипулациите во медиумските производи.
Медиумската писменост е особена важна за младата популација, која секојдневно е изложена на низа информации од различни извори. Идеален случај би било доколку таа е застапена во формалното образование, но во Македонија, младите доаѓаат во допир со медиумска писменост само преку неформалното образование.
Според Александра Теменугова од Високата школа за новинарство и за односи со јавност во Скопје, постои можност да се вметне медиумската писменост во наставните програми, но за тоа е потребна поддршка од институциите, заедно со медиумската индустрија.
„ Од досегашното искуство и оние посети во училишта, во образованието се создадени условите за промена на курикулумите, и тоа не само за основно и средно образование, туку и за високото образование. Но, можеби треба да се размисли и за предшколска возраст, тргнувајќи по примерите на неколку западноевропски земји“, соопшти таа за време на конференцијата насловена „Медиумската писменост како предуслов за активно граѓанство“.
За Теменугова најважно е еден ваков проект да создава дебата меѓу младите за нивната перцепција на медиумите.
„Во образовниот систем повеќе треба да се внесе поголемо дефинирање на медиумската писменост како клучна компетенција со посебен акцент, не само да умеат учениците да ја препознаат функцијата на медиумите, туку и повеќе да се дебатира за критичка перцепција на медиумските содржини“, вели таа.
Во Црна Гора, пак, медиумската писменост веќе осум години е дел од формалното образование како изборен предмет во сите средни училишта во државата. Овој предмет ги учи средношколците за основата на медиумите, пораката што тие ја упатуваат до публиката, но и етичкиот кодекс на новинарите.
Божена Јелушиќ, една од професорите кои ја остварија оваа идеја, во претходно интервју за Радио МОФ, рече дека причината поради која се избориле медиумската писменост да биде дел од наставната програма, е за да се спречи манипулирањето на младата популација.
„Луѓето ја произведуваат медиумската реалност и тешко дека вие можете да им објасните на децата, или на некој начин да им кажете кои се кредибилни медиуми. Подобро нивните очи да бидат кредибилни, нивната глава, па тие да одберат. Но, факт е дека луѓето сакаат лоши медиуми, тие сакаат скандали, сакаат ѓубре. Проблемот е дали учениците ќе знаат да направат разлика каде започнува едно кредибилно новинарство, со извори, докази“, вели Јелушиќ.
Таа соопшти дека во моментов се разгледува и опцијата, медиумската писменост да биде задолжителен предмет, низ целото образование на младите.
Промовирањето на медиумската писменост станува сè почест тренд кај европските земји. Слично како во Црна Гора, медиумската писменост е изборен предмет и во училиштата низ Турција.
Евин Барис Алтинташ, од турската платформа за независно новинарство „P24“ вели дека медиумската писменост станала значајна тема во државата, особено за граѓанското општество, по протестите во Гези парк.
„Сметам дека медиумската писменост во основа е поврзано со критичкото мислење, преку прашања, и сметам дека треба да биде дел од образовниот систем“, заклучи таа.
Но, нагласи дека постојат недостатоци, односно, се случува предавачите по медиумска писменост да немаат секогаш соодветна позадина, а тоа да влијае врз нивната наставна програма.
Барис Алтинташ соопшти дека во Турција, од 2006 година до денес, медиумска писменост изучиле речиси 4 милиони млади луѓе.
*Темата првично беше објавена во шестата епизода од радио-емисијата „Мегафон“.
Е.П.