За средношколскиот весник „Медиум“
Зошто постои „Медиум“?
Затоа што сакаме да имаме младина која критички ќе размислува, која ќе може да ги препознае аномалиите во општеството и медиумите и да реагира за нив преку јасно изградени и јавно изнесени ставови. „Медиум“ е отворен за размислувања на средношколците за образовниот систем, за времето поминато пред и по училишното ѕвонче, за музиката што ја креираат средношколските бендови, за матурските прослави, за (не)оправданоста на екстерните тестирања, за (не)инвентивните професори.
„Медиум“ постои за да видиме што се случува во средните училишта низ земјава и странство. Сакаме да сме информирани за бројните средношколски проекти, дефилеа, гимназијади, маскембали, патувања, престижни спортски натпревари, талентирани ученици, изложби. „Медиум“ ги обединува сите овие вести, кои треба да допрат до нас, и тоа преку самите ученици, кои ќе ја имаат улогата на новинари или преку училиштните весници. Затоа сакаме да имаме и активни новинарски секции и уште проактивни професори.
Затоа, нашата втора цел е да го поттикнеме новинарството кај средношколците, бидејќи тоа се учи од мали нозе. „Медиум“ изобилува со ресурси и совети за пишување вести и други медиумски содржини. Тука, на едно место, ќе можете да научите за основните правила како да пишувате извештаи или да се изразите преку фотографија, звук, слика или сето заедно, во мултимедија. Нашата цел е да ги оспособиме средношколците со новинарски вештини, кои се неопходни за да опстанат во современата медиумска џунгла која што ја донесоа новите медиуми.
Тие пак, дигиталните технилогии и нови медиуми, се всушност и третата причина зошто го креиравме „Медиум“. Сакаме да посочиме дека во неконтролираниот наплив на информации, медиумите можат да користат, но и да наштетат. Нашата цел е да посочиме дека медимските содржини, кои во различни форми допираат до нас, истовремено и влијаат: преку медиумите креираме ставови, навики за исхрана, стил на облекување, идеали за совршено тело, предрасуди, стереотипи. Но, само добро информирани и медиумски писмени луѓе ќе знаат да ги препознаат крајните намери и интереси на медиумите. Затоа се фокусираме на медиумската писменост. Затоа, на „Медиум“ нудиме материјали, ресурси и етички стандарди кои овозможуваат јасни насоки за препознавање професионалното и одговорно новинарство кое ќе го штити јавниот интерес.
За кого е наменет „Медиум“?
1. Пред се’ за средношколците. Како прв средношколски медиум, тој е отворен за различните креативни форми на учениците кои заслужуваат да допрат до јавноста. Затоа имаме рубрики за вести и активности во училиштата, драмски изведби, фото-изложби, меѓународни успеси, освоени први места на натпревари и уште многу други рубрики.
Вестите треба само да се испратат на [email protected] и ние ќе ги објавиме.
2. За новинарските секции, бидејќи тие се пулсот кон јавноста. „Медиум“ нуди бројни ресурси како да се креираат средношколски весници, како да се креираат медиумски содржини без разлика дали е видео, фото, аудио или веб. Затоа постојат рубриките „Јас новинар“ и „Училиштен весник“. „Медиум“ е отворен за соработка и за стручна помош на новинарските секции. Слободно пишете ни и ние ќе ве посетиме.
3. За професорите. „Медиум“ е одлична можност за заедничка соработка за проектните активности кои се задолжителни во средното образование. Исто така, „Медиум“ цели кон професорите кои се задолжени за новинарските или драмските секции или литературните клубови во училиштата. Затоа поставивме повеќе ресурси за правење средношколски весници, начините на кои може да се организира новинарската секција, поделба на рубрики и сл.