Uncategorised |

Ах, каква година!

На крајот од годината некако е редно да се завртиш зад себе и да видиш каква ти била среќата, по што ќе ја памтиш, што си сработил или пак си пропуштил да направиш.

Ако ја погледнеме годината на „Медиум“, нескромно можеме да кажеме дека беше повеќе од успешна: со медиумските лаборатории во Гевгелија, Штип, Охрид, Велес и Виница запознавме нови талентирани автори, надежни новинари кои се докажаа во седумте изданија што ги печатиме со „Нова Македонија“; организиравме Медиумски ден во кој стотина ученици посетија различни медиуми, креиравме нова интернет-страница со многу едукативни ресурси, ја зајакнавме соработката со училиштата и со професорите со кои заеднички работиме да поттикнеме критична мисла и слобода на изразување кај учениците.

Но 2016-та беше година во која демократиите станаа хаотични и плурални како никогаш досега. Секој објавува сешто. Честопати и лажни информации. Тие се перфектно спакувани, оставајќи ги гледачите, слушателите, читателите во заблуда дека читаат точни, проверени и професионално направени вести и информации. Се намножија интернет-страници кои фабрикуваа(т) измислени содржини, пропагирајќи политички, комерцијални и други интереси. Најблизок ни е примерот со младите велешани, чии сопственици-тинејџери трагајќи по лесна заработувачка со што повеќе кликови, станаа дел од забревтаната пропагандна машинерија ангажирана при изборите за претседател во САД.

Во 2016-та еволуираа говорот на омраза и дискриминацијата, некритички пласирани како на традиционалните, така и на новите медиуми. Сведоци сме на заострена реторика со која се поттикнува нетолеранција, ксенофобија и кршење на човековите права. Во ова море од неограничени можности за информирање, се чини дека медиумите како да заборавија на својата улога во општеството дека треба да известуваат на начин кој значи почитување на професионалните новинарски стандарди.

Оттука, како никогаш досега е исклучително важно луѓето да умеат да препознаваат и разликуваат веродостојни и потврдени информации од лажни вести, спинови, манипулација и пропаганда. Исклучително е важно граѓаните, а особено младите да ја разбираат улогата на медиумите и правилата на игра кои новинарите мора да ги почитуваат. Неопходно е да ги познаваат и правилата на онлајн-светот. И во целиот овој наплив на информации, на граѓаните, на публиката им е потребна поддршка за да можат да се справат со ваквите предизвици. Таа треба да биде институционална, синхронизирана и повеќеслојна. Задолжително е овие прашања да се присутни во образовниот процес и тоа на сите нивоа. Самите новинари, пак, треба континуирано да вложуваат во едукација и практикување етично и професионално новинарство.

Останува уште многу да се сработи. Од сите нас. Се читаме во 2017-та.

 

Александра Теменугова
Уредничка на „Медиум“ и раководителка на проектот „Коалиција за медиумска писменост“