Uncategorised |

Младите во Крива Паланка покренаа „генералка“ на градот

Секој викенд во наредните два месеци ќе „светне“ по некоја населба во Крива Паланка. Станува збор за еколошка акција „Чиста населба – чиста Општина“ која ја најавија локалните власти, а која ја покренаа младите еко тимови од училиштата, кои со своите одговорни лица ќе бидат вклучени и активно ќе учествуваат во планираните активности.

На денот на пролетта – 21. март, пак, учениците го искористија првото пролетно сонце за чистење  на училишните дворови и околните улици, а дел од нив се погрижија за хортикултурно уредување засадувајќи цвеќиња и садници.

Акцијата „Чиста населба – чиста Општина“ започна минатиот викенд кога се чистеа населбите Осичка маала и Домачки дол. За неа е направен план и опфаќа два сегменти, од кои едниот е чистење на дворовите, читење на зелените јавни површини и пред станбените згради, додека другиот сегмент е собирање на непотребниот отпад од индивидуалните домови.

Покрај средношколците како иницијатори, учество најавиле и голем број на невладини организации, како и граѓани кои самоиницијативно се пријавиле.

Акцијата е поддржана и од Советот на општината, од ЈП „Комуналец“, од советите на заедниците на станари во самите населби, од локалните фирми и др.