Uncategorised |

За граѓанските организации

feat-img

Граѓанските организации постојат за да ги промовираат и штитат интересите на граѓаните. Иако имаат повеќе улоги во општеството, тие меѓу другото ја имаат и таа да бидат сврзното ткиво меѓу граѓанинот и институциите. Но, за да можат успешно да комуницираат и ефикасно да ја извршуваат оваа улога, тие треба да умеат да ги промовираат интересите кои ги застапуваат: да стигнат до саканата институција, до својата целна група, да ги едуцираат своите членови за можните опции за иницирање некоја акција и сето ова со една основна цел – да ја реализираат промената која е од интерес на заедницата и на граѓаните од нивната целна група.

Кога се говори за медиумската писменост, граѓанскиот сектор е многу важен фактор пред се што овој концепт подразбира не само умешност да се пристапува и критички да се восприемаат медиумските содржини, туку граѓаните самостојно да ги употребуваат медиумите за да се изразат, да го споделат со другите своето мислење, да знаат самите тие самостојно да иницираат и реализираат промена во општеството.

На пример, здружение на биолози во своите истражувања утврдила сеча на шума што е пак дополнителна закана за исчезнување на рисот бидејќи оваа шума била неговото природно живеалиште. Медиумски писмени и информирани биолози (но и други граѓани) би требало да знаат како да алармираат за проблемот и да предизвикаат институционална или друга реакција за спречување на катастрофата. На пример, тие треба да знаат како да пристапат до информации за темата: што е предвидено во законот за природа и закон за ловство, што значи неговото исчезнување за националниот и регионалните биодиверзитет (студии, истражувања, написи во стручни магазини и во други гласила), како овие информации да ги направат лесно достапни за пошироката јавноста; треба да знаат дали информациите до кои дошле се точни и како да ја проверат нивната веродостојност и повторно да ја едуцираат целната публика (урбани митови за рисовите, шпекулативни информации и сл.). Медиумски писмени и информирани биолози ќе знаат како да ги употребат медиумите за да може нивната заложба за заштита на рисот да предизвика промена: да знаат како да им пристапат на традиционалните медиуми, да комуницираат со новинарите и со институциите, да знаат како да испланираат и реализираат кампања за стопирање на сечата, да направат аматерски видео-клипови или фотографии, да иницираат петиции, граѓански собири, донации, да поднесат аргументиран предлог за законски измени и сл.

Примерот важи за сите граѓански организации, здруженија и неформални групи граѓани.

Во оваа смисла граѓанските организации имаат двојна улога: да им обезбедат на граѓаните информации кои недостасуваат во традиционалните медиуми, но и да промовираат медиумска и информациска писменост и концепт за активно граѓанство.

pDSCN6235

Граѓанските организации имаат важна задача да ги предводат демократските промени и да ја промовираат идејата за активно учество. Во Македонија, како и во остатокот од регионот општеството се уште се соочува со транзицијата, а граѓаните неретко не се свесни за своите човекови и граѓански права. Промоцијата на истите е пред се на граѓанското општество. Важно е граѓаните да го препознаваат граѓанскиот сектор како еден од каналите коишто можат да ги користат за да ги комуницираат своите ставови, но и проблеми.

Уште еден начин да се вклучи граѓанскиот сектор активно да се вклучи е во застапување и учествување во формирањето и изменувањето на законите и политиките. Во овој случај граѓанското општество може да даде важен поттик за вклучување на медиумската и информатичката писменост во наставните програми со што младите многу рано во своето образование би се сретнале со идејата на критичко набљудување на содржините кои се наоѓаат во различни медиуми кои им се достапни. Сепак, едно од истражувањата кое ги спроведе ОФКОМ, регулаторно тело за електронски медиуми во Велика Британија покажува дека дури и возрасните корисници на интернет имаат голема доверба во содржините кои ги наоѓаат на интернет. Отсуството на критички став кај граѓаните од сите старосни групи посебно говори за важноста на доживотното учење и потребата за промоција на неформалното образование. Тука улогата на граѓанското општество е особено важна, а се остварува преку обуки, работилници и разни кампањи.

v20140516 135116

Зголемување на медиумската и информатичката писменост може да се постигне преку формално и неформално образование. Различните програми на обуки, тренинзи и работилници можат да придонесат за развивањето на свеста на граѓаните од сите возрасни групи, иако младите се посебно важна и чувствителна граѓанска група. Регионалното истражување за интеракцијата на младите и медиумите покажуваат дека улогата на граѓанските организации сè уште е доста слаба и е потребно зајакнување на граѓанскиот сектор за да може успешно да учествува во подигање на критичката свест и нивото на информираност на граѓаните.

Посебно денес во време на развој на онлајн медиумите потребата за брзо информирање на граѓаните е меѓу основните новинарски принципи. Тоа многу често во комбинација со недоволното почитување на етичките стандарди претставува извор на нецелосни или дури и погрешни информации. Од таа причина многу е важно граѓаните да знаат сами да бараат и проверуваат информации. Исто така, социјалните мрежи се често извор на говор на омраза и разни други форми на говор чија цел е да се навреди, дискриминира или дискредитира некоја личност или група.

Граѓанскиот сектор има улога и во борбата против ваквите наративи. Лондонскиот Институт за медиуми и различности има проект Get the Trolls Out, којшто има за цел да обучува млади луѓе од неколку европски земји да препознаваат говор на омраза, како и да развиваат контра наративи коишто таквиот говор ќе го стават под знак прашање и истовремено ќе развиваат говор култура на ненасилен дијалог. Преку овој проект развиена е низа кратки совети како да се одговори на говорот на омраза на социјалните мрежи кои се пример за соработка помеѓу граѓанскиот и корпоративниот сектор на развој на медиумската и информатичката писменост. Оваа иницијатива е на компанијата Twitter којашто се обврзала да ги дистибуира советите до училиштата.

Општествата во регионот на Западен Балкан и понатака имаат недостаток на доверба во граѓанскиот сектор, кој е важен извор на информации, експертиза, владин надзор и донесувач одлуки. Зголемувањето на видливоста на работата на граѓанскиот сектор може да придонесе за зголемување на довербата, а за тоа успешната соработка на медиумите и граѓанскиот сектор е од пресудна важност.

Граѓанското општество и медиумите, посебно ако делуваат заедно можат да придонесат за зголемување на плуралитетот на гласовите во медиумите, а со тоа и во јавната сфера. Важна компонента на медиумската и информатичката писменост е произведувањето медиумски содржини што допринесуваат за учество на различни гласови во јавната сфера. Институтот за различности во медиумите – ИРМ (Media Diversity Institute) прави програми со граѓанските организации, каде што претставниците на граѓанскиот сектор тренираат како да комуницираат со медиумите, како да им пристапат и како самите да произведуваат содржини што ќе им бидат интересни на медиумите и со тоа ќе ја зголемат видливоста на активностите и прашањата со кои се занимава граѓанскиот сектор. ИРМ изработи прирачник на оваа тема. Истражувањата покажуваат дека младите бараат информации на социјалните мрежи, па така тие се вредно средство за информирање на граѓаните и заради тоа многу е важно граѓанските организации што поефикасно да ги користат социјалните мрежи за да ја промовираат својата работа, идеите за кои се залагаат, а кога станува збор за организации кои ги застапуваат малцинските групи и тие можат да бидат вредно средство за вклучување на малцинските гласови во јавната сфера.

Слични програми ИРМ спроведува и со граѓанските организации и со медиумите истовремено за да можат меѓусебно да се препознаат како важен партнер во работата: граѓанските организации да ги препознаат медиумите како средство за праќање пораки до граѓаните и зголемување на видливоста на својата работа, но и на заедницата којашто ја претставуваат, а од друга страна медиумите да ги препознаат граѓанските организации како извор на информации и експертиза. Со тоа директно се зголемува плурализмот на мислења и информации во јавната сфера и им помага на граѓаните да добијат комплетна слика за одредени проблеми.