Вести |

Медиумски ден за средношколци по седми пат

feat-img

Повеќе од 150 средношколци од 12 средни училишта низ државава учествуваа на Медиумскиот ден кој ИКС традиционално по седми пат го организираше со посета на медиумски куќи со цел учениците одблиску да се запознаат со медиумите и новинарската професија. За време на посетата, средношколците освен што се запознаа со начинот на кој функционира една редакција, тие седнаа и пред камерите, микрофоните и за кратко се ставија во улога на новинари.

Одбележувањето на медиумскиот ден се заокружи со дискусија на тема: „Дали дезинформациите се опасни или се само една несолена шега? На дебатата беше промовирана и апликацијата „Чичко Мрчатор“ која преку игра нуди начини за борба против дезинформациите со критичко размислување.

Учесници се овогодишниот медиумски ден беа средношколци од СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“, АСУЦ „Боро Петрушевски“ СУГС „Зеф Љуш Марку“, СУГС „Панче Арсовски”, Скопје, СЕПУ „Перо Наков“, Куманово, СОУ „Гоце Делчев“, Валандово СОУ „Цар Самоил“, Ресен и СОМУ „Гостивар“, Гостивар кои беа гости во МРТ, ТВ 21, Радио Слободна Европа, ТВ Сител и Медиумската информативна агенција (МИА). Учениците од гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово ја посетија ТВ Плус,  учениците од средните училишта „Јане Сандански“ од Струмица и СОУ „Богданци“ од Богданци беа во ТВ Вис, а гимназијалците од  „Јосип Броз Тито“ од Битола, медиумскиот ден го поминаа во ТВ Тера.

Медиумскиот ден, Институтот за комуникациски студии го организираше во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија – Користи факти“, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје.