Вести |

Осми медиумски ден за средношколци: Настан што ги инспирира идните медиумски професионалци

feat-img

Околу 150 средношколци од 13 средни училишта учествуваа на овогодишниот Медиумски дем што Институтот за комуникациски студии, го организира осма година по ред. Домаќини во Скопје им беа искусните новинари од Македонската Радио Телевизија, ТВ Сител, Радио МОФ, Радио Слободна Европа и МИА, а во Битола – ТВ Тера, во Штип – Радио Канал 77 и ТВ Плус во Куманово. Тема на годинешниот медиумски ден беа дезинформациите и дали вештачката интелигенција може да биде сојузник во нивното препознавање.

„Како новинарите ги проверуваат информациите, дали вештачката интелигенција помага во креирањето на вести, кои алатки може да искористат за откривање на дезинформациите, колку време е потребно да се истражи и напише новинарска вест“, беа дел од прашањата кои средношколците ги упатија до нивните домаќини-главните и одговорни уредници на медиумите.

„Дезинформациите денеска доаѓаат од сите страни и во различни форми и затоа ние мора да изградиме вештини и да се обучиме да бидеме филтер кој нема да дозволи тие да стигнат до граѓаните. На тој начин градиме доверба со нашата публика“, изјави Славица Арсова, главна и одговорна уредничка на Сител ТВ.

Дезинформациите беа тема и за време на посетата на МИА, каде се објавуваат по 400 вести дневно.

„Без да имаме потврда од официјален извор, не објавуваме вест. На тој начин се штитиме од дезинформациите, лагите, не манипулираме и не создаваме паника“ реча Ана Цветковска, главна и одговорна уредничка на МИА.

„По денешниот медиумски ден, полесно ќе ги препознаваам дезинформациите и најинтересно ми беше кога научив како се проверува веста пред да се објави“ рече средношколката Марија Лазева.

Освен за дезинформациите, тема на годинешниот ден на медиумска писменост беше и вештачката интелигенција и како таа може да помогне на новинарите во нивната работа, но и во напорите за откривање на дезинформациите.

Павел Монев средношколец, учесник на Медиумскиот ден, рече дека од оваа посета научил дека „вештачката интелигенција има позитивни и негативни ефекти и треба внимателно да се користи“.

Медиумскиот ден заврши со дебата на тема „Вештачката интелигенција и дезинформациите“, на која Катерина Топалова, уредничка во МТВ потенцираше дека во напливот на информации многу е важно да се препознаат суштинските информации. Новите алатки базирани на ВИ им помагаат на новинарите во нивната работа, но истовремено тие се и ризик бидејќи со нив многу лесно се манипулира одредена информација.

Учесници на годнешниот медиумски ден беа средношколци од СУГС „Јосип Брзо Тито“, СОУ „Кочо Рацин“, СУГС „Ѓорѓи Димитров“, ОСУ„Ацо Русковски“, СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ , СОУ „Ѓорче Петров“, СУГС „Зеф Љуш Марку“, ОСЕУ „8 Септември“, СОУ „Ј.Б.Тито“ и СОУ „Таки Даскало“ од Битола, СЕПУ „Перо Наков“ од Куманово, СОУ „Славчо Стојменски“ и СОУ „Коле Нехтенин“ од Штип.