Средношколци учеа да раскажуваат приказни преку филм
Повеќе од 100 млади креативци снимаа кратки видеа на работилниците за краток игран и документарен филм на Филмскиот фестивал за млади „Џифони“, што се одржа од 4 до 8 октомври во Скопје.
Работилницата за краток игран филм ги водеше средношколците од развој на идеја, преку снимање, до постпродукција, истовремено запознавајќи ги со драматуршките и визуелните елементи како што се заплетот, бојата, кадарите и монтажата. Учесниците работеа на создавање на приказни со класична тричинска структура, визуелно изразени со прецизна филмска граматика.
Во паралелната работилница за краток документарен филм, младите автори истражуваа како документаристите користат простор и емоции за да создадат локациска драма. Тие се обучуваа за креативна употреба на камерата, светлината и звукот, со што го доловија карактерот на избраната локација и го пренесоа сопствениот ракурс врз документарниот стил на раскажување.
Поделени во тимови, учесниците на работилниците создадоа 24 видеа во кои ги применија научените филмски техники и вештини.
Погледнете ja фото галеријата од работилницата, како и дел од работната атмосфера.
Работилниците беа организирани од Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.