Вести |

Заврши студентската школа за медиумска и информациска писменост на УНЕСКО

feat-img

Седумнаесет студенти од Македонија и Албанија учествуваа на студентската школа за медиумска и информациска писменост на УНЕСКО што се одржа од 28 до 31 октомври во Охрид.

За време на интензивната четиридневна програма, студентите учеа за клучните концепти на медиумската писменост, говорот на омраза, стереотипите и предрасудите присутни во медиумите и за известувањето за различностите, а учеа и како да креираат медиумски содржини.

Стекнатите вештини имаа можност веднаш да ги применат и во мешани тимови работеа на медиумски производи за студентскиот стандард, културните мостови, влијанието на турбо фолк музиката, стереотипите во медиумите и влијанието на музиката и спортот врз менталното здравје на младите.

Студентите имаа можност да се запознаат со богатата култура и историја на Охрид. За време на прошетката со туристички водич ги посетија археолошките локалитети, некои од најважните споменици и музеи.

Студентите имаа можност да се запознаат и да соработуваат  пред студентската школа на настанот за вмрежување што се одржа од 5-10 Октомври 2023 година во Сараево каде соработуваа и со студенти од Србија и Босна и Херцеговина што го организираше Регионалната канцеларија на УНЕСКО во Сараево.

Студентската школа се организира во рамки на Деновите на медиумска писменост 2023, како дел од активностите на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамки на Катедрата на УНЕСКО за писменост за иднината (futures literacy) и медиумска писменост.

Школата се организира во рамки на регионалната иницијатива на Обединетите нации „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ предводена од УНДП Србија во соработка со УНЕСКО, Институтот за комуникациски студии и Центарот за образование и социјален напредок од Албанија.