Вести |

ПОВИК ЗА СРЕДНИ УЧИЛИШТА ЗА УЧЕСТВО ВО „НОВИНАРСКИ СПРИНТ“: ДИНАМИЧНА ПРАКСА ЗА СРЕДНОШКОЛЦИ ВО МЕДИУМИ“

feat-img

Охрабрете ги средношколците да ги истражат и изразат своите интереси преку медиумите. Пријавете го вашето училиште да учествува во „Новинарски спринт“ кој го организираат Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИРЕКС во рамките на проектот за медиумска писменост на УСАИД „Младите размислуваат“.

„Новинарскиот спринт“ претставува динамична пракса за средношколци во медиумите, во која ќе стекнат вештини за медиумска продукција и ќе креираат и промовираат содржини што ги одразуваат интересите на младите луѓе.

Како изгледа „Новинарски спринт“?

ИКС ќе креира програма и ќе спроведе еднодневна медиумска лабораторија во соработка со средното училиште која ќе се реализира во училиштето пред завршувањето на тековната учебна година, т.е. пред 17 јуни 2024 година.

Училиштето треба да покаже интерес и да реализира активности за подобрување на вештините на средношколците за медиумска продукција, зајакнување на нивното критичко размислување и изразување за различни прашања, како и за нивно ангажирање во (вон)наставните активности.

Новинарските спринтови (работилници), ќе бидат водени од реномирани новинари кои ќе ги споделат своите практични совети за креирање на атрактивни и професионални медиумски содржини.

Средношколците ќе добијат детални упатства за создавање на медиумски производи, ќе научат како да ги претстават своите идеи во јавниот простор, а ќе ја разберат и важноста и улогата на новинарството во едно демократско општество.

По завршувањето на медиумската лабораторија, секој ученик треба да испрати тема која смета дека треба да е застапена во медиумите и да наведе како таа медиумски да се обработи. Ученикот/чката може да даде предлог за изработка на различен медиумски производ: мултимедијален производ, ТВ прилог, видео поткаст, видео за социјални медиуми и сл.

Седуммина средношколци, чии предлози ќе бидат избрани за најдобри, ќе бидат наградени со едномесечна пракса во национални и локални медиум (ТВ или онлајн портал) во текот на летните месеци. За овие ученици/ученички ИКС ќе обезбеди  покривање на трошоците за извршување на праксата.

За време на праксата, практикантите ќе работат под менторство на новинари и ќе научат повеќе за продукцијата на вести и работата во новинарска редакција. Заедно со новинарот-ментор, ќе планираат и произведуваат новинарски содржини за млади што ќе се емитуваат на медиумот и на неговите социјални платформи. Наградените средношколци ќе треба да обезбедат писмена согласност од родител/старател за извршување на едномесечната пракса во медиумите.

Сите останати учесници ќе добијат сертификати од Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС за учество во работилницата.

Како да го пријавите вашето училиште?

Во име на средното училиште, се пријавува професор/ка кој/а ќе биде вклучен/а во развивањето на програмата за медиумската лабораторија во соработка со ИКС и одговорен/на за координацијата за нејзиното спроведување. За ангажманот на професорот/професорката е предвиден паричен надомест во износ од 5.000 денари и сертификат за учество. Од исто училиште може да се пријават повеќе наставници/наставнички, но ќе се избере само еден/на.

Пријавувањето се врши најдоцна до 29-ти декември (петок) 2023 година, со пополнување на ОНЛАЈН ПРИЈАВА.

Кои се критериумите за избор на училиштето?

ИКС ќе избере 7 средни училишта во кои ќе се реализира по една медиумска работилница и од каде ќе се изберат најдобрите средношколци кои ќе бидат наградени со платена едномесечна пракса во медиум.

Следните критериуми ќе се сметаат за предност при селекцијата на средните училишта:

  • да има претходно искуство со активности наменети за зголемување на медиумската писменост кај учениците и развивање на нивните вештини за критичко размислување или за продукција на медиумски стории;
  • да има постоечки училишни групи/секции за литература и пишување, новинарство, драма, уметност, дебата или сл. преку кои го поттикнува ангажманот на средношколците и со кои може да се пријави на „Новинарскиот спринт“;
  • да има наведено точен број на средношколци кои би биле заинтересирани да учествуваат на работилницата и да пријават идеи/теми за едномесечна пракса во медиумите, и
  • да покаже спремност да ја организира училишната настава или воннаставната активност за реализирање на медиумската лабораторија во училиштето.

Лица за контакт

Лејла Шабан, проект менаџер, Институт за комуникациски студии, [email protected]; 071 370 337
Моника Аксентиевска, програмски асистент, Институт за комуникациски студии, [email protected]; 070 281 654

www.iks.edu.mk