Дигиталните медиумски трендови ги приближивме до 45 учесници на мастер часовите за медиуми и новинарство
Околу 45 учесници поделени во три групи ги следеа Мастер часовите за медиуми и новинарство во текот на март и април. Креираа содржини за веб со СЕО оптимизација, визуелизираа податоци од интернет со инфографикони, користеа алатки за откривање манипулации со визуeлни содржини, снимаа и монтираа видеа со мобилен телефон.
Мастер часовите претставуваа комбинација од интензивни сесии, вежби и дискусии со обучувачи – искусни новинари и практична работа за изработка на медиумски производи во тимови.
Учесниците учеа за трендовите во онлајн медиумите – како да го задржат вниманието на публиката, да пишуваат за веб, да прибираат податоци и да ги визуелизираат за гледачите и читателите полесно да ги разберат. Тие се запознаа со алатки за откривање манипулации во визуелните содржини и развија вештини да прават медиумски содржини. Ги совладаа основните техники и апликации за видео снимање и монтирање, подготвуваа сценарија за снимање, снимаа на терен и монтираа со мобилен телефон.
Откако ги следеа мастер часовите, учесниците работат на нивните финални продукти поделени во тимови по што ќе се стекнат со сертификати.
Втората генерација на Мастер часовите за медиуми и новинарство ги организираа Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС, во рамките на проектот за медиумска писменост на УСАИД, „Младите размислуваат“.
Галерија: