Гуглај паметно |

ИКС го претстави Речникот на медиумската писменост на Приштинскиот универзитет   

feat-img

Речникот на медиумската писменост, кој е достапен на македонски и на албански јазик, е алатка која им помага на студентите во разбирањето и толкувањето на новите поими кои се изнедрија со развојот на новите медиуми, но и при пишување на академски текстови, семинарски задачи  и задачи. Првичната анализа за употребата на оваа публикација покажа дека во првите шест месеци од промоцијата, речиси една третина од публиката пристапува од Косово и Албанија.  

Тоа беше една од причините за посета на одделот за новинарство на универзитетот во Приштина. Тимот на ИКС заедно со членовите на редакцијата на Речникот на медиумската писменост, д-р Емил Ниами и проф. д-р Сефер Тахири, ги презентираше активностите во рамки на проектот Младите размислуваат со осумте факултети во Македонија кои ја вклучуваат медиумската писменост во студиските програми, научното списание КАИРОС, обуките за медиумска продукција за студенти и млади новинари, како и годишниот меѓународен симпозиум.

За интересот на домаќините и на студентите, најмногу говори фактот дека амфитеатарот беше целосно исполнет, а студентите се вклучија во дискусијата која ја водеше Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии. „Ако се проценува според интересот за нашето гостување, мислам дека сме на почетокот на една солидна соработка меѓу двете високообразовни институции. Со деканската управа веќе договоривме потпишување меморандум за соработка.“

Проф. д-р Емил Ниами на косовските студенти им го објасни процесот на создавање на Речникот: “Прва наша задача беше да го определиме корпусот на ова лексикографско издание, со што опфативме околу 1.500 поими од областа на медиумската писменост. Потоа преминавме на избор на најфреквентните, најважните, но и оние термини кои будат најголем интерес, па така првично опфативме околу 700 термини. Толкувањата се едноставни и прилагодени за користење на корисници од различни групи и од различна возраст“, објасни професорот Ниами.

Професорот Сефер Тахири им го претстави медиумскиот пејсаж во Македонија и заедно со студентите дискутираат за сличностите и предизвиците со кои се соочуваат новинарите во Македонија и во Косово.

Медиумската писменост веќе втора година се изучува како посебен предмет на студиската програма по новинарство на приштинскиот универзитет.