Гуглај паметно |

Прв Речник на медиумската писменост

feat-img
Блог на проф. д-р Симона Груевска-Маџоска и Марина Костова

Ретко ни се случува да предничиме или да бидеме во првите кои ќе направат некоја важна работа. Ете тоа се случи со издавањето на електронско издание на првиот Речник на медиумската писменост, објавен двојазично ‒ на македонски и на албански јазик.

Изработката на Речникот е поддржана од УСАИД, а содржината е одговорност на ИРЕКС, преку локалните партнери: Македонски институт за медиуми (МИМ), Институт за комуникациски студии (ИКС) и Младински образовен форум (МОФ), кои се веќе докажани во македонската јавност.

И Редакцијата и авторите се познати и докажани имиња во науката, образованието и медиумите така што резултатот е навистина солиден Речник на медиумската писменост, па така главен редактор на Речникот е д-р Емил Ниами, а членови на Редакцијата се: проф. д-р Симона Груевска-Маџоска, проф. д-р Мишел Павловски, проф. д-р Сефер Тахири, проф. д-р Сеад Џигал и Соња Трајковска, новинар.

Освен членовите на Редакцијата, коишто се и автори, листата на автори продолжува со: проф. д-р Жанета Трајковска, проф. д-р Гордана Алексова, д-р Татјана Б. Ефтимовска, доц. д-р Тамара Ќупева, проф. д-р Демуш Бајрами, м-р Михајло Лахтов, Александра Теменугова, новинар, Соња Трајковска, новинар и Лука Павиќевиќ, ученик и истражувач (сега студент во прва година на Универзитетот Харвард во САД).

Зошто Речник на медиумската писменост?

Во минатото, печатените енциклопедии и речници ни беа единствен извор на информации каде можевме целно да пребаруваме (затоа не ги споменувам радиото, телевизијата и печатените весници и списанија). Со појавата на интернетот, со експресна брзина, бевме бомбардирани со најразлични информации. Во почетокот, научени од претходно да прифаќаме сè што е напишано како вистина, и информациите од интернет ги сметавме за такви. Но, со иста таква брзина сфативме дека не сè што ќе најдеме на интернет е вистина. Особено што секој има пристап и може да пишува и да објавува речиси што сака. Правилата на играта се сменија.

Откако увидовме дека на интернет има многу невистинити информации, и не само тоа туку и дека е широко поле за манипулација од различен карактер, природно се појави потребата да се едуцираат луѓето за тоа како да им пристапуваат на овие информации и што е важно при нивното примање. Со еден збор, потребна беше медиумска писменост. Ете затоа беше потребен ваков речник, напишан на македонски и на албански јазик, во кој секој ќе може да го побара поимот за кој се интересира.

Како се создаваше Речникот?

Сите лексикографи знаат дека во моментот кога ќе се појави еден речник, тој е веќе застарен. Зошто? Па јазикот се развива постојано и невозможно е, со претходниот начин на лексикографска работа, да се стават најновите зборови и значења во речниците. И сега, повторно, правилата на играта се сменија. Со интернетот и со појавата на електронски речници, лексикографите веќе можат да го фатат ритамот на јазикот навреме, зашто тој електронски речник може постојано да се дополнува и да се коригира.

Таква е замислата и за овој прв наш Речник на медиумската писменост. Во постоечките речници ги нема поголемиот број поими и термини од медиумската писменост зашто се нови. Затоа планот беше во првото издание да се опфатат најфреквентните и да се објаснат на кус и едноставен начин. Исто така, она што е значајно е дека е наведена и литература за оние што ќе сакаат и дополнително да истражуваат.

Првиот проблем секако беше корпусот, односно кои поими и термини да се опфатат за да има некаква целина. Од многу предложени, списокот се скрати и се пристапи кон нивна обработка. За оние поими кои веќе ги има во речниците, беа дадени толкувањата оттаму. За другите, тоа го сторија авторите консултирајќи, главно, странска литература. Она што е посебно важно е дека се дадени и англиски преводи за поимите, според кои ќе може да се пребарува и понатаму. Но и тоа што за доста голем број е дадено правилното пишување на македонски и на албански јазик. Со тоа многу дилеми се разрешени. Пак ќе повторам, зашто овие зборови ги нема во постојните толковни и правописни речници. А беше доста тешка и предизвикувачка работа.

Како да се користи Речникот?

Пристапот до Речникот е многу едноставен. Тој е поставен на онлајн-платформа, која кога ќе се отвори (https://recnik.medium.edu.mk/), ни го дава пребарувачот на термини преку кој можеме директно да пристапиме до бараното толкување. Но, исто така, на првата страница ни се дадени и македонската и албанската азбука, преку кои со притискање на една буква може да ги добиеме сите термини со таа почетна буква. На почетната страница има и дел каде што се наведени сите користени кратенки, како и индексот на сите термини по азбучен редослед.

На почетната страница се наоѓа и копче за проверка на користената и консултираната литература, односно библиографија за изработка на Речникот. Исто така, тука има копче и за членовите на Редакцијата и авторите со нивни фотографии и основни биобиблиографски податоци.

Значењето на Речникот

Во светски рамки, поимот ‘медиумска писменост‘ се појави како многу значаен во време на глобализација и бомбардирање на обичниот читател со секакви информации. Затоа со него се занимаваат професионалци и научници од различни профили, како: социолози, новинари, антрополози, филозофи, филолози итн. Веднаш се увиде насушната потреба да се информираат читателите како треба да ги читаат тие информации, како да проверат дали се работи за вистинити или за лажни информации и како да се заштитат од различни манипулации. Исто така, како да се заштитат и од разни закани, како што се на пр., порнографијата и насилството преку интернет. Затоа е важно за медиумската писменост да се зборува уште од најрана возраст, зашто и возрасната граница на корисниците на интернет и различните медиуми е сè помала. Низ образованието, да се научат корисниците на различните технологии и медиуми како да го искористат максимумот од нив за зголемување на знаењето и како да се заштитат од негативните влијанија. И најважно, како со помош на овие технологии да направат разлика во светот со добра цел.

Што понатаму?

Речникот на медиумската писменост е замислен да расте и да се збогатува и понатаму. Оваа фаза е веќе започната и се работи на толкување на нови поими кои ќе бидат дополнување на постоечките. Да ги искористиме новите технологии, да бидеме интерактивни и да ве поканиме со предлози за нови поими или за подобрување на толкувањата на постоечките. Електронската адреса е дадена на почетната страница на Речникот. Повелете!

За авторот:

Симона Груевска-Маџоска е редовен професор/научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ‒ Скопје, УКИМ.