Гуглај паметно |

Речник на медиумската писменост: резултати, анализи, планови

feat-img
Блог на Емил Ниами, доктор на филолошки науки, главен редактор на Речникот на медиумска писменост

Речникот на медиумската писменост којшто беше промовиран на крајот на мај 2023 година пополни уште една празнина во македонската и во албанската лексикографија. По неговото објавување во повеќе наврати се вршеше анализа на посетите на сајтот, со цел да се утврди целисходноста на неговото постоење, како и да се определат понатамошните чекори. Резултатите беа навистина изненадувачки. Беше забележано дека географијата на Речникот не запира само во Македонија, ами, очекувано и во Албанија и во Косово, во голем број словенски земји, но и пошироко во светот. Ова ги потврди претпоставките дека на корисниците им е навистина неопходно едно вакво лексикографско издание.

Први резултати

Според резултатите од анализите може да се забележи дека Речникот на медиумската писменост го користат како професионалците (новинари, преведувачи, лингвисти итн.), ами и пошироката јавност, особено наставниците и учениците, што беше и една од првите задачи коишто беа поставени при неговата изработка. Она што нам ни беше особено важно е што според анализата на пребарувањата корисниците најчесто започнуваат со пребарување на основните поими поврзани со медиумската писменост, а понатаму веќе се префрлуваат и на другите поими, што јасно укажува на фактот дека заинтересираноста за оваа материја се зголемува.

Не помалку важни се и мислењата на професионалците што често ги добивавме како при лични средби, така и во пишана форма. Голем дел од нив во своите први коментари ја истакнуваа зачуденоста од големиот број термини поврзани со медиумската писменост, за кои, како што самите истакнуваа, не биле свесни дека играат голема улога во оваа проблематика. Особено беше подвлечен мултидисциплинарниот пристап, со оглед на тоа што при создавањето на Речникот беа вклучени стручњаци од различни области кои секој со својата потесна област овозможи ова лексикографско издание да добие целосен и современ изглед.

Функционалност на речникот

Секој што се занимава со лексикографска дејност е свесен дека секој речник во моментот на неговото објавување е веќе застарен. Ова се должи на фактот што е потребно време да се собере корпусот, да се напише самиот речник, да се снабди со сите потребни информации и да се направи крупен преглед на изданието, а сето тоа изискува време. Големите лексикографски изданија наоѓаа начин како да го ублажат овој недостаток, издавајќи прилози кон речниците, но тоа излезе непрактично за корисниците. Со појавувањето на новите технологии и со сѐ поголемиот пристап на корисниците до Интернетот, овој проблем, во извесна смисла, се надмина. Па, така, Речникот на медиумска писменост има можност во секој момент да биде дополнет, но, што е можеби уште поважно, ваквата платформа овозможува и да се има постојан увид во материјалот, со што, доколку се забележат определени неправилности, грешки, недоследности, истите можат едноставно да се отстранат.

Она што навистина радува е и односот на целата редакција кон Речникот. Имено, веднаш откако тој почна да функционира во Интернет-просторот, и авторите и редакторите се вклучија во опсежна анализа и ревизија на сработениот материјал. Па, така, беа пронајдени извесни грешки и недоследности коишто за кус временски период беа отстранети. Иако помина повеќе од половина година, до денешен ден тие ги искажуваат своите размислувања, даваат забелешки, сугестии, а сѐ со цел да го направат Речникот колку што е можно покоректен и поприфатлив за корисниците.

Што понатаму?

Работата на Речникот на медиумската писменост не застанува тука. Со оглед на тоа што постои можност, тој продолжува да се збогатува. Имено по направената ревизија, беше донесена одлука да се пристапи кон дополнување на основниот корпус. Сега веќе во помал состав авторите и редакторите започнаа да трагаат по нови термини за Речникот. Во текот на работата беа пронајдени термини коишто требало да влезат уште на почетокот, но биле превидени. Потоа се пристапи кон дополнување со нови термини коишто во меѓувреме се појавија или за кои се сметаше дека не се задолжителни во првичниот корпус. Ова, секако, доведе до негово збогатување и тоа повторно со мултидисциплинарен пристап.

Во подобрувањето и збогатувањето на Речникот одиме и чекор понатаму. Решивме да комуницираме и да го слушнеме мислењето на нашите корисници. Затоа во Речникот ја додадовме и опцијата „предложи поим“ преку која секој корисник може според своето мислење да даде предлог за вклучување на некој термин во корпусот. Секако, оваа опција не значи автоматско прифаќање на терминот, ами истиот ќе биде разгледан од Редакцијата којашто според оценката за неговата релевантност за медиумската писменост ќе одлучи дали тој ќе биде внесен во корпусот.

Според мислењето на Редакцијата работата врз Речникот на медиумската писменост треба да продолжи и во иднина и на него гледа како на долгорочен проект со трајна вредност. Затоа беше донесена одлука дека ќе се пристапува кон ревидирање и кон дополнување и тоа во интервал од најмалку двапати годишно, со што ќе се држи чекор како со домашната, така и со странската терминологија којашто се фокусира на прашањата поврзани со медиумската писменост.