Вести |

4 средношколци на пракса во медиуми, после новинарските спринтови во училиштата

feat-img

Четворица средношколци ќе посетуваат едномесечна пракса во  МТВ, ТВ 24, ПлусИнфо и СДК.мк, каде под менторство на искусни новинари ќе научат повеќе за продукцијата на вести и работата во новинарска редакција. Учениците беа избрани на конкурс за најдобри средношколски идеи за медиумски продукт, кој следуваше после одржаните медиумски лаборатории во нивните училишта, наречени „Новинарски спринт”.

На петте новинарски спринтови учествуваа 112 средношколци од училишта кои беа одбрани преку јавен повик, и тоа од гимназиите „Георги Димитров“ и „Никола Карев“ од Скопје, СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, СОУ „Богданци“ од Богданци, СОУ „Кочо Рацин“ и ССОУ „Димитрија Чуповски“ од Велес.

Средношколците учеа зошто е важно новинарството, како функционираат редакциите, по кои критериуми се бираат вестите, како функционираат алгоритмите кои определуваат кои информации ќе ги гледаме, какви видови манипулативни содржини има и како да ги разликуваме. Исто така, преку практична работа вежбаа да структураaт и обработуваат новинарски теми.

По завршувањето на медиумските лаборатории, средношколците беа поканети да предложат идеја за различен формат на медиумски производ и за тема која ги засега младите луѓе, и со тоа да конкурираат за пракса во еден национален медиум. На конкурсот се пријавија 23 кандидати, од кои беа избрани четири средношколци кои ќе ја обавуваат праксата за време на летниот распуст.

„Новинарскиот спринт“ го организираат Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИРЕКС, во рамки на проектот за медиумска писменост на УСАИД „Младите размислуваат“.