Вести |

„Медиум“ го поддржува 8. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“

feat-img

„Мојот брат брка диносауруси“ – најдобриот филм за млади според Европската филмска академија вечерва го отвора „Џифони Македонија“

25 септември: Со проекцијата на италијанскиот филм „Мојот брат брка диносауруси“ вечерва во 19 часот, во Кинотеката на Македонија ќе биде отворен 8.Филмски фестивал на млади „Џифони Македонија“. Семејната комедија на режисерот Стефано Чипани има освоено неколку важни награди. Европската филмска академија го избра за најдобар филм наменет за млада публика за 2020 година, а добитник е и на наградата „Давид ди Донатело“ во категоријата филм за млади.

Поради ограничените места во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката, можете да си ја резервирате вашата карта онлајн на следниот линк. https://filmfreeway.com/GiffoniMacedonia/tickets Влезот е бесплатен.

Во претстојните пет дена на „Џифони Македонија“, до 30 септември, ќе се реализира богата онлајн-програма за учесниците во три категории –јуниори, кадети и сениори. Секоја вечер како дел од програмата „Џифони плус“, во летното кино „Мирно лето“ од 19 часот ќе се прикажува по еден младински филм. Ќе следуваат „Ослепени од светлината“, „Несовршена доба“, „Адолесценти“ и данскиот „Хакер“, кој ќе биде синхронизиран на македонски јазик.

16 долгометражни, 35 кратки филмови, по осум петдневни работилници и исто толку мастер-класови ќе бидат дел од програмата на „Џифони Македонија“.

Темата на „Џифони Македонија 2020“ е Земја (Earth) и е дел од тригодишниот циклус посветен на животната средина (2018 – Вода, 2019 – Воздух). На наша голема радост, и покрај тоа што фестивалот годинава нема да го има препознатливиот карактер на дружење во живо, околу 300 ученици од основните и средните училишта од земјава и од 12 други земји се пријавија да бидат дел од фестивалот. Над 50 странски учесници ќе ја следат програмата од своите домови, а 15-мината учесници од Италија ќе ја имаат привилегијата да учествуваат во програмата на „Џифони Македонија“ од киносала во нивниот град Џифони.

Специјално за потребите на „Џифони Македонија“ е создадена младинската дигитална платформа Youth.mk, каде освен богатата понуда на филмови и други содржини на фестивалoт, на учесниците ќе им се овозможи директно да се вклучуваат во работилниците и другите онлајн-настани и да имаат интерактивни средби со гостите.

Создавањето на новата дигитална платформа го помогна Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Платформата ќе им биде наменета на младите љубители на филмската уметност и ќе биде место каде што ќе се објавуваат аудио-визулени креации на младите македонски и странски автори. Оваа идеја произлегува од сознанието дека бројни сегашни и поранешни учесници на „Џифони Македонија“ активно работат на создавање на аудио-визуелни содржини: анимирани и кратки филмови, долгометражни филмови, па дури и серии. Целта на „Џифони Македонија“ е да им понуди едно место каде ќе можат сите тие содржини да ги споделуваат со своите врсници и со пошироката публика.

Во попладневните часови ќе се одржат осум мастер-класови, на кои учесниците ќе бидат поврзани интерактивно, а притоа ќе се снимаат и ќе бидат емитувани во стриминг, достапни за поширока публика. На една од онлајн-средбите на учесниците ќе им се обрати Калудио Губитози, директор и основач на „Џифони Експириенс“, кој ќе зборува за 50-годишниот јубилеј на најголемиот филмски фестивал за млади во светот.

Младите режисери Леон Ристов, Ана Андонова, Сергеј Сарчевски и Мартин Чичовски, како и јутјуберот Стефонатор ќе ги споделат првите искуства на создавање на своите дела. Во средбата посветена на родовата еднаквост ќе бидат прикажани неколку епизоди од францускиот серијал „Бестрашни“ кој зборува за храбрите жени од светската историја. Една од средбите ќе биде посветена на документарните филмови од млади автори прикажани во рамките на „Докуникулци“.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Агенцијата за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – Џифони Експириенс, Министерството за култура и туризам на Италија Министерството за надворешни работи на Италија, Амбасадата на Италија во Скопје и особено Мисијата на ОБСЕ во Скопје со чија поддршка е креирана дигиталната младинска платформа YOUTH.MK.

Фестивалот е помогнат и од Институтот „Јунус Емре“, Францускиот институт, Кинотеката на С.Македонија, Младинскиот културен центар, а го помогнаа и спонзорите: „Пакомак“, „Фиат“, „Витаминка“, „Дивела“, ресторан „Џино“.

Медиумски поддржувачи на фестивалот се: МТВ, Сител, Радио МОФ, Слободен печат, Медиум, Visitskopje.mk, Екран, Куларт, Медиум, ТВ21, Јавност.