Вести |

Денови на медиумска писменост 2021 – „Виртуелно или реално – правилата се исти!“

feat-img

Од 22 ноември до 02 декември 2021 ќе се одржат третите Денови на медиумска писменост (ДМП 2021). Мрежата за медиумска писменост овојпат ги посветува ДМП на децата и младите, мотивирана од најновиот развој на полето на медиумската писменост во нашата земја – официјалното влегување на медиумската писменост во курикулумот за основно образование, како пристап во предавањето, за што секако придонесоа и сите досегашни напори за унапредување на медиумската писменост кај граѓаните од сите генерации преку најразлични активности.

Во текот на осум дена, под мотото „Виртуелно или реално – правилата се исти! Да бидеме медиумски писмени“ ќе се одржат низа настани посветени на градењето и развојот на критичката свесност кај децата и младите, но и кај други целни групи кои се директно или индиректно поврзани со нив. Во организацијата, и оваа година, се вклучија поголем број членки на Мрежата и нивни поддржувачи меѓу кои и Институтот за комуникациски студии кој како дел од ДМП ќе ја организира онлајн дебатата „Медиумската писменост во акција“ која ќе се одржи на 26 ноември (петок) со почеток во 11 часот.

Со ДМП 2021, нашата земја е вклучена во Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО (24-31 октомври), која годинава се одржа по 10 пат, а беше посветена на темата: „Медиумска и информациска писменост за јавното добро“ (“Media and information literacy for the public good”).