Вести |

Еко-камп: Со личен пример до зачувување на животната средина

feat-img

Какви се предизвиците за животната средина околу нас? Како можеме да помогнеме да се намали загадувањето и како може да ги поттикнеме другите да бидат свесни за отпечатокот кој го оставаат врз животната средина? Кои се вистинските активности кој секој може да ги преземе за поздрава околина? Ова се дел од прашањата на кои дадовме одговор на еко-кампот кој го организираше Институтот за комуникациски студии, а на кој учествуваа околу 80 средношколци од шест средни училишта од Македонија.

Во рамките на кампот се одржаа обуки за создавање видеа, дигитален маркетинг, но и за важноста на родовите прашања.

Поврзаноста на климатските промени и родовата еднаквост им ја образложи Блажен Малески, кој е истражувач во Реактор. Јана Тодорска од Brainster им посочи на средношколците како ефикасно да ги користат социјалните мрежи во кампањи за јавен интерес.

Режисерот Илија Пиперкоски им сподели совети како може од наједноставна идеја да создадат креативни видеа кои ќе го привлечат вниманието и ќе ја испорачаат пораката.

Покрај тоа, ИКС организираше панел дискусии со познати активисти и инфлуенсери, кои ги пренесоа своите искуства.

Според активистот и основач на МојВоздух, Горјан Јовановски и планинарката, Марија Ѓурчиновска, мотивација за еко-активизам, или било каков активизам можете да најдете во своето секојдневие. Тие сметаат дека критиката сама по себе не е доволна за да постигнеме ефект – мора да се вложиме себеси и да понудиме решение.

Пример за различните активности кои можеме да ги преземеме за зачувување на животната средина е проектот на тим од студенти во кои учествуваше панелистката Михаела Василевска и апликацијата Челинџер, во чиј тим е Олга Рајчиќ.

Челенџер е апликација чија цел е да ги мотивира луѓето да возат велосипеди и да пешачат, преку наградување на ова позитивно однесување.

Концептот за урбана градина кој тимот на Михаела го предложи освои прва награда на натпреварот УрбанФарм 2021, кој го организираше Универзитетот во Болоња.

Околу 80 средношколци учествуваа на еко-кампот кој Институтот за комуникациски студии го одржа во рамки на проектот Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина (SHAPE), финансиран од Европскиот инструмент за демократија и човекови права.