Вести |

Избрани добитниците од средношколскиот конкурс „Водните ресурси во моето место на живеење: минато, сегашност, иднина“

feat-img

Избрани најдобрите средношколски решенија за подобрување на состојбата на сливот на реката Брегалница од конкурсот „Водните ресурси во моето место на живеење: минато, сегашност, иднина“, кој го организира Здружението на граѓани Еко Логик во соработка со Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата „Разбистри сè“.

Првата награда ја освои Андреј Бубевски со идејата за едукативна еко патека до водопадот Скокото пристапна и за лица со попреченост. Второто награда е за идејата на Викторија Јаневска за пребарувач преку кој со секој клик ќе се донираат средства за набавка и засадување на дрвја кои ќе придонесат за засолнување на почвата од честите врнежи и ќе ја намалат ерозијата. Третата награда ја понесе Клара Бојчовска со нејзиното решение за подобрување на функциите на пречистителните станици.

Додека на четврто место се најде решението на Давид Михаиловски за собирање и складирање дождовна вода за наводнување, а петата награда ја освои Теодора Лазаревска со идејата кампања за подигање на свеста и едукација на граѓаните за заштита на реката Брегалница.

Најдобрите решенија од конкурсот беа презентирани на онлајн настанот „Што може да направиме денес, за да ја зачуваме Брегалница за во иднина?“.

Кампањата „Разбистри сè“ ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансиски поддржана од Британската амбасада со Скопје.