Камп за медиумска писменост 2023
Раскажи го твојот омилен филм како вест. Нареди ги вестите по важност. Преку фотографии или видео раскажи општествено важна приказна. Ова се само дел од предизвиците кои им ги дадовме на учесниците на Кампот за медиумска писменост кој се одржа од 15 до 18 јануари во Охрид.
На четиридневниот камп, 33-ца средношколци од 17 средни училишта од 10 градови учеа да препознаат дезинформации, да пишуваат вест одговарајќи на петте новинарски прашања, да структурираат новинарска приказна, но и како да направат добра фотографија и видео.
Она што го учеа имаа можност да го применат во пракса и да видат со какви сè предизвици секојдневно се соочуваат новинарите. Заедно со предавачите излегоа на терен во потрага по приказни вредни за раскажување.
Која е тајната врска на охридскиот бисер и плашицата, што се случува со култниот хотел „Палас“, што се случува надвор од туристичка сезона со бродовите во Охридското Езеро, каков е ставот на охриѓани за родовата еднаквост, но и за иселувањето на младите се само дел од приказните на кои работеа учесниците на кампот и кои наскоро ќе можете да ги прочитате и погледнете на medium.edu.mk.
Кампот за медиумска писменост е организиран како дел од проектот „Користи факти: употреба на новинарството засновано врз факти за подигнување на свеста и за спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија“, кој го спроведува Институтот за комуникациски студии, а е финансиран од Британската амбасада во Скопје.