Вести |

Матурантите играа квадрил на плоштадот „Македонија“

feat-img

На плоштадот „Македонија“ денеска /19.05.2017 година/ се одржа традиционалната манифестација „Матурска парада 2017“, а матурантите од Скопје точно напладне, заедно со своите врсници од повеќе градови од земјава и од Европа, го одиграа танцот „квадрил“ на звуците на штраусовата опера „Лилјакот“. Оваа единаесетта по ред „Матурска парада“ ја отвори градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а присуствуваа и Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева и евроамбасадорот Самуел Жбогар.

maturska parada 1– Матуранти, со завршувањето на средното обрзование, пред вас стојат многу можности. Ви пожелувам да ги искористите новите предизвици кои, искрено се надевам, ќе успеете да ги совладате со својот младешки елан, енергија и ентузијазам. Денеска ќе се поврзете со уште стотици и илјадници матуранти од повеќе европски градови и ќе се приклучите на новата армија млади луѓе кои ги следат новите текови на прославување, но и на обединување. Се надеваме дека Вашиот пример ќе го следат идните генерации матуранти, кои ќе ја продолжат традицијата и ќе ја пренесуваат пораката за мир и толеранција во светот. Ви пожелувам среќа и успех во чекорењето на патот кон светот на возрасните, во освојувањето на придобивките од личната и заедничката слобода, во славењето на младоста и уживањето во животот – рече денеска градоначалникот Трајановски.maturska parada 2

На годинешната „Матурска парада” во Скопје учествуваа повеќе од 1.000 ученици од повеќе средни училишта во Скопје, како и матуранти од Струга, Охрид, Струмица и од Гевгелија. Во исто време со матурантите од Македонија „квадрил“ танцуваа матуранти од 120 града во 15 држави од централна и југоисточна Европа.

maturska parada 3Пред започнувањето на танцот „квадрил“, матурантите положија заклетва за ненасилство и толеранција.

Покровител на годинешнава „Матурска парада“ е Градот Скопје, а организатори се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во соработка со танцовиот клуб „Ритам плус“. Поддржувач на оваа традиционална манифестација е Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.