Вести |

Новинарски спринт: Динамична пракса за средношколци во медиуми

feat-img

Охрабрете ги средношколците да ги обработат темите што најмногу ги интересираат и засегаат преку мејнстрим медиумите. Пријавете го вашето училиште да учествува во „Новинарски спринт“ кој го организираат Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИРЕКС во рамките на проектот за медиумска писменост на УСАИД „Младите размислуваат“. Новинарскиот спринт претставува динамична пракса за средношколци во медиуми во која ќе стекнат вештини за медиумска продукција и ќе креираат и промовираат содржини што ги одразуваат интересите на младите луѓе.

Како изгледа „Новинарски спринт“?

ИКС ќе креира програма и ќе спроведе еднодневна медиумска лабораторија во соработка со средното училиште која ќе се реализира во училиштето пред завршувањето на тековнава учебна година т.е. пред 9-ти јуни 2023 год. Училиштето треба да покаже интерес и да реализира активности за подобрување на вештините на средношколците за медиумска продукција, зајакнување на нивното критичко размислување и изразување за различни прашања, како и за нивно ангажирање во (вон)наставните активности.

Медиумските лаборатории ќе бидат водени од реномирани новинари кои преку нивни практични совети ќе пренесат како навремено да се создаде привлечна и професионална медиумска содржина, кои се дневните рутини во новинарските редакции, но и кои се предизвиците со кои се соочуваат медиумските професионалци. Средношколците ќе ја разберат важноста на новинарството и ќе знаат како да ги користат медиумите и да ги пренесат сопствените мислења преку продуцирање на содржини наменети за млади луѓе.

По медиумската лабораторија, секој ученик треба да испрати тема која смета дека треба да е застапена во медиумите и да наведе како таа медиумски да се обработи. Ученикот/чката може да даде предлог за изработка на различен медиумски производ: мултимедијален производ, ТВ прилог, видео поткаст, видео за социјални медиуми и сл.

Четворица средношколци, чии предлози ќе бидат избрани за најдобри, ќе бидат наградени со едномесечна пракса во национални и локални медиум (ТВ или онлајн портал) во текот на летните месеци. За овие ученици/ученички ИКС ќе обезбеди  покривање на трошоците за извршување на праксата. За време на праксата, практикантите ќе работат под менторство на новинари и ќе научат повеќе за продукцијата на вести и работата во новинарска редакција. Заедно со новинарот-ментор, ќе планираат и произведуваат новинарски содржини за млади што ќе се емитуваат на медиумот и на неговите социјални платформи. Наградените средношколци ќе треба да обезбедат писмена согласност од родител/старател за извршување на едномесечната пракса во медиумите.

Сите останати учесници ќе добијат сертификати од Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС за учество во медиумската лабораторија.

Како да го пријавите вашето училиште?

Во име на средното училиште, се пријавува наставник/наставничка кој/а ќе биде вклучен/а во развивањето на програмата за медиумската лабораторија во соработка со ИКС и одговорен/на за координацијата за нејзиното спроведување. За ангажманот на наставникот/наставничката е предвиден паричен надомест во износ од 4.000 денари и сертификат за учество. Од исто училиште може да се пријават повеќе наставници/наставнички, но ќе се избере само еден/на.

Пријавувањето се врши најдоцна до 27и март (понеделник) 2023 година, со пополнување на ОНЛАЈН ПРИЈАВА.

Кои се критериумите за избор на училиштето?

ИКС ќе избере 4 средни училишта во кои ќе се реализира по една медиумска лабораторија и од каде ќе се изберат најдобрите средношколци кои ќе бидат наградени со платена едномесечна пракса во медиум.

Следните критериуми ќе се сметаат за предност при селекцијата на средните училишта:

  • да има претходно искуство со активности наменети за зголемување на медиумската писменост кај учениците и развивање на нивните вештини за критичко размислување или за продукција на медиумски стории;
  • да има постоечки училишни групи/секции за литература и пишување, новинарство, драма, уметност, дебата или сл. преку кои го поттикнува ангажманот на средношколците и со кои може да се пријави на „Новинарскиот спринт“;
  • да има точен број на средношколци кои активно се вклучени и учествуваат во медиумски, новинарски или други секции или проектни активности на училиштето кои би биле заинтересирани да учествуваат во медиумската лабораторија и да пријават идеи/теми за едномесечна пракса во медиумите и
  • да покаже спремност да ја организира училишната настава или воннаставната активност за реализирање на медиумската лабораторија во училиштето.

Лица за контакт

Лејла Шабан, [email protected]; 071 370 337
Моника Аксентиевска, [email protected]; 070 281 654