Одржан прв Национален средношколски самит
На Економскиот факултет при УКИМ во саботата се одржа првиот Национален средношколски самит на кој средношколците ги истакнат своите ставови и предлог решенија за проблемите со кои се соочуваат во образованието.
Анисија Угриновска, претседател на Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС), истакна дека ставовите и предлог решенијата кои беа истакнати на Самитот ќе бидат сублимирани во Декларација.
Целта на Националниот средношколски самит 2022, е слободно произнесување на средношколците за нивните колективни проблеми на национално ниво и предлагање решенија за нив. На Самитот се дискутираше за темите што се актуелни меѓу средношколците во моментов: ментално здравје, настава во време на криза, неопходни ресурси.
Угриновска оцени дека средношколците во никој случај не смеат да бидат пасивни учесници во образовниот процес, туку напротив активно да учествуваат во неговото подобрување.
„Имаме прилика да бидеме создавачи на средношколските политики и секако да бидеме во чекор со генерацијата. Носењето на средношколските политики можам да кажам дека со периодот на изолација на социјална дистанца нашето учество можеби беше ставено на периферија, токму сега е моментот истото да го смениме и зголемиме нашето учество“, порача таа.
Самитот беше поддржан од страна на Владата на РСМ, Собранието, УКИМ, УНИЦЕФ, граѓанскиот сектор, психолозите во средните училишта, експерти од областите за кои ќе се дискутира и средношколските организации, а организатор на настанот беше Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците.