Потребно е ограничување на употребата на дигиталните уреди
Околу 40% од населението поминува помеѓу 1 – 3 часа онлајн на социјалните мрежи покажа истражувањето на навиките на корисниците на социјалните мрежи на Институтот за комуникациски студии.
На дебатата „Дали ни е потребна медиумска диета?“ се утврди дека е младите поминуваат премногу време на социјалните мрежи, но и дека е потребно навреме да реагираме ќе забележиме намалени социјални вештини, чувство на комфорна зона во онлајн светот и хиперконектираност.
„Младите се групираат што е типично за возраста, меѓутоа секој си го држи телефонот во рака и секој си ‘скрола’ што се случува, а многу малку има гледање во очи и многу малку има директна комуникација“, вели училишниот педагог Ана Попризова.
Рамизе Рамадани, ученичка од средното медицинско училиште „Гостивар“ вели дека младите свесно или несвесно го поминуваат целиот ден на телефон или пред компјутер и дека забораваат на реалниот живот и она што се случува околу нив.
Д-р Васка Митова, психијатар на Клиниката за психијатрија советува да се постигне договор дома и на училиште за ограничување на употребата на телефоните.
За бенефитите од дигиталната детоксификација говореше Стефан Митиќ, кој учествуваше на социјалниот експеримент кој го спроведе Институтот за комуникациски студии и помина еден ден без социјални мрежи, телефон, компјутер, телевизија и радио. Тој вели дека овој ден му помогнал повеќе да се поврзе со семејството, но и да веднаш да реагира на она што се случува околу него наместо да има одложена реакција како преку онлајн комуницирањето.
Потребни се стручни анализи и институционално следење на оваа проблематика за да може соодветно да се превенира и реагира пред да биде многу доцна.
Дебатата „Дали ни е потребна медиумска диета?“ ИКС ја организираше во рамки на Неделата против лажните вести во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост“, финансиран од Европската Унија.
Преку оваа дебата, но и со другите настани и едукативни ресурси и настани, ИКС заедно со партнерите – Македонскиот институт за медиуми, Самостојниот синдикатот на новинари и медиумски работници и Институтот за различности во медиумите од Лондон, се приклучува кон иницијативата на Мрежата за медиумска писменост „Денови на медиумската писменост 2020“.