Вести |

Промовирана Коалицијата за медиумска писменост

feat-img

Со доделување грантови на осум граѓански организации, Високата школа за новинарство и односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и дневниот весник „Нова Македонија“ на 18 ноември 2016 година во ЕУ Инфо-центарот во Скопје, ја основаше Коалицијата за медиумска писменост.

Добитниците на грантовите заедно со своите медиумски партнери се и први членови на Коалицијата, чија цел е да се поврзат граѓанските организации и медиумите заеднички да ја едуцираат јавноста како да се справи со мноштвото информации и вести, но и да ги поттикне самите да креираат содржини употребувајќи ги медиумите како алатка за артикулирање на нивните интереси и активно да учествуваат во јавната сфера.

Првите членови на Коалицијата во текот на следните две години ќе работат на различни активности во повеќе сегменти од општествениот живот. Доминираат иницијативи кои вклучуваат продукција на медиумски содржини креирани од и за маргинализираните групи граѓани, едукација на младите за критичка перцепција на информациите и вештини за препознавање манипулација и лага, но и практикување професионални новинарски стандарди. За поуспешна реализација на избраните иницијативи, Високата школа и лондонскиот Институт ќе ги обучуваат претставниците на медиумите и на граѓанските организации за основните концепти на медиумската писменост и комуникација со јавноста.

Коалицијата ја сочинуваа следните организации:

  1. Здружение за граѓани за поддршка на лица со ретка болест Вилсон во соработка со Сакамдакажам.мк
  2. Здружение за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива во соработка со Телевизија Плус Куманово
  3. Здружение за медиумска и комуникациска култуа и граѓански права Реформатор во соработка со 24 Вести Скопје
  4. Коалиција Сексуални и здравстени права на маргинализираните заедници во соработка со Телевизија 21
  5. Македонски институт за европски студии во соработка со радио Урбан ФМ
  6. Младински Културен Центар Битола во соработка со Тера ТВ Битола
  7. Национален младински совет на Македонија во соработка со Радио МОФ
  8. Специјална олимпијада Македонија во соработка со Македонска Телевизија

Грантистите беа избрани на јавен повик на којшто се пријавија 38 апликанти.

Во наредниот период Високата школа заедно со своите партнери ќе ги покани и другите граѓански организации и институции чија надлежност е во доменот на медиумската писменост да се приклучат кон оваа неформална платформа.

Формирањето на Коалицијата е дел проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Коалиција за медиумска писменост“ што го финансира Европската Унија.