Вести |

Заклучоци од конференцијата за медиумска писменост

Медиумската писменост е предуслов за активно граѓанство

        Медиумската писменост треба да се интегрира во стратешките документи во областа на образованието и во медиумската сфера за да се унапреди критичкото разбирање на содржините во медиумите и како тие функционираат. Ова е клучната препорака која произлезе од дискусијата помеѓу стотина претставници на надлежните институции, образованиот сектор, невладините организации и медиумската индустрија на конференцијата „Медиумската писменост како предуслов за активно граѓанство“ што се одржа на 27 октомври 2016 г.

        Присутните наставници и ученици се согласија дека формалното образование недоволно ја препознава медиумската писменост, а на наставниците им се потребни обуки за употреба на медиумите во наставата. „Индивидуалните интереси можеме да ги задоволиме единствено преку изборни проектни активности, како што се литературните клубови, драмските секции, воншколски активности за фотографија и дизајн“, рече Ивана Крстиќ, средношколка од скопската гимназија „Орце Николов“. Универзитетската професорка Весна Шопар изјави дека медиумската писменост треба да се интегрира во задолжителните образовни програми, од предучилишното до високото образование, како и во образованието за возрасни, заради обезбедување клучни компетенции за доживотно учење.
        Медиумите имаат обврскa да ја едуцираат својата публика и тоа треба да го прават пред се’ преку почитување на новинарските стандарди и преку инвестирање во човечки и технички ресурси за подобрување на интеракција со публиката. На тој начин ќе овозможат плурализам на мислења и програми кои во фокусот ќе го стави токму граѓанинот.
        Претставниците на граѓанските организации, пак, сметаат дека медиумите и институциите се` уште се затворени за соработка и не се подготвени да го почитуваат критичкиот однос кон одредени општествени прашања кои тие ги отвораат. Затоа сметаат дека е потребна едукација и креирање ресурси наменети за граѓаните за критичка перцепција на медиусмите содржини.
        На конференцијата беше претставен извештајот од истражувањето „Медиумската писменост во Македонија: алката што недостасува за активно граѓанство“, во кое учествуваа ученици и професори на средни училишта, медиуми, претставници на граѓанскиот сектор и на институции. Истражувањето е достапно на www.medium.edu.mk.
        Беше презентиран и повикот за грантови за граѓанските организации, кои во партнерство со медиумите треба да предложат иницијативи за едукација и јакнење на свеста за значењето на медиумската писменост. Осумте организации кои ќе добијат грантови (до 5.000 евра), заедно со своите медиуми-партнери, ќе ја сочинуваат првата Коалицијата за медиумска писменост во Македонија.
        Конференцијата „Медиумската писменост како предуслов за активно граѓанство“, беше организирана од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“. Настанот е поддржан од Европската Унија.

Видете ги фотографиите од настанот. Проследете ја конференцијата

Скопје, 28.9.2016