Учениците-новинари се на терен
Шесте средношколски тимови деновиве ги прават првите верзии од новинарските приказни со чии предлози победија на средношколскиот конкурс Биди медиумски активен/на. Истражуваат, интервјуираат извори, собираат податоци, снимаат, монтираат. Нивната работа ја следат професорите и новинарите од медиумите-партнери кои ги поддржаа во идејата.
„Засега сѐ оди според планот што го утврдивме на новинарските работилници во училиштата чии идеи беа избрани на конкурсот. Сите тимови навистина вредно работат. Пријатно сум изненадена од учениците колку се посветени да ги сработат темите професионално и според сите новинарски стандарди. Уверена сум дека ќе имаме не само убави идеи кои покренуваат некој младински проблем, туку и успешно реализирани прилози“, вели новинарката Марија Митевска која овие неколку недели ја има улогата на обучувач и главен уредник на новинарските приказни од Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Продукцијата на новинарските приказни е дел од средношколскиот конкурс Биди медиумски активен/на што го организираат ИКС и Делегацијата на Европската Унија, во рамки на одбележувањето на Европската недела за медиумска писменост 2020. Шесте средношколски тимови беа избрани во конкуренција од 61 апликација од 30-тина училишта. Тие добија грант од 400 евра за продукцијата на новинарските приказни. Сите тимови имаат медиумски партнер кој ќе ги објави нивните приказни во текот на март, како и новинар-ментор кој заедно со тимот од ИКС ги насочува во нивната работа. Новинарските приказни ќе бидат презентирани на завршниот настан што ќе се одржи на 27 март во Куќата на ЕУ во Скопје, а ќе бидат објавени и на веб страницата на ИКС за медиумска писменост www.medium.edu.mk.