Вести |

Започнува 9-тиот филмски фестивал на млади „Џифони Македонија“

feat-img

Со проекцијата на италијанскиот филм „Стаклено момче“ вечерва во 18 часот во кино „Фросина“ ќе биде отворен 9.Филмски фестивал на млади „Џифони Македонија“. Во претстојните пет дена на „Џифони Македонија“, до 12 октомври  публиката ќе може да ужива во богатата програма која вклучува 17 проекции на играни филмови, 28 кратки филмови, и многу работилници и дискусии.

Темата на фестивалот годинава е „Подобрувајќи го светот“ (Improving the world). Сите групи ученици ќе бидат вклучени во работилници по нивен интерес – за филм, фотографија, анимиран филм, новинарство, дигитален дизајн и ликовна. Секое дете-учесник во својата категорија ќе гледа по четири филмови, после кои следува дискусија за истите. А новина годинава се т.н хабови, во кои 50-ина средношколци од пет града ќе ја следат програмата на фестивалот онлајн. Најактивните џифонци ќе добијат награда да патуваат во Џифони на италијанското издание на фестивалот во 2022 година.

Гостин на фестивалот е Јакопо Губитози, извршен директор на „Џифони Италија“. А во рамки на фестивалот, во селекцијата на Кадети и Сениори, амбасадорот на Италија во Македонија Андреа Силвестри ќе одржи мастер-клас на темата дали стрипот и цртаните можат да се користат како пропаганда, додека Розарио Минервино, селектор од „Џифони Експериенс“, ќе зборува на темата каков е предизвикот да се избира соодветен филм за младите џифонци. На фестивалот ќе биде прикажан филмот „Јас сум тука“ на Стефан Божиновски, а по него и дискусија и средба со авторот. Ќе биде раскажана приказната зад „Марви продакшн“, зад која стои група ентузијасти џифонци. Ана Андонова ќе се претстави со нејзиниот нов документарен филм „Лили“.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.