Вести |

Заврши Неделата против лажните вести

feat-img

Заврши Неделата против лажните вести што трета година по ред ја организираше Институтот за комуникациски студии (ИКС). Од 22 октомври до 3 ноември се одржаа три работилници за препознавање лажни вести, два вебинари за онлајн заштита и онлајн дебата на тема „Дали ни е потребна медиумска диета?“.

На трите обуки кои се одржаа на 27-ми и 28-ми октомври, 50-тина средношколците од СОУ „Исмет Јашари“- Липково, СОУ „Добри Даскалов“ – Кавадарци и СОУ „Ванчо Прке“ – Виница учеа зошто е важно да се медиумски писмени и се запозна со различните видови дезинформации, но и начините како да препознаат.

На вебинарот „Биди безбеден онлајн: Алатки за препознавање небезбедни содржини“ 50-тина професори од средните училишта се запознаа со небезбедните содржини кои демнат на Интернет, но и со алатки за да нивно препознавање. Професорите добија корисни совети за онлајн заштита кои ќе им помогнат при онлајн наставата.

Додека, на вебинарот „Запомни, Интернетот памти!“ околу 40 средношколци учеа како да одржуваат сајбер хигиена и безбедно да ги користат социјалните мрежи.

На онлајн дебатата „Дали ни е потребна медиумска диета?“ која се одржа на 30 октомври се дискутираше за влијанието на социјалните мрежи врз менталното здравје и однесувањето на младите, кои се знаците за препознавање на зависност од Интернет, но и како да се зачува менталното здравје во дигиталната ера. На дебатата беше презентирано и истражувањето на ИКС за навиките на корисниците на социјалните мрежи.

Исто така, во рамки на Неделата против лажните вести беа објавени и нови сведоштва од серијалот „И новинарите грешат“.

Оваа година Неделата против лажните вести со дел од активностите се приклучи кон Деновите на медиумска писменост кои ги организира Мрежата за медиумска писменост.

Неделата против лажните вести е дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“ што го реализираат Македонскиот институт за медиуми, ИКС, Синдикатот на новинари и медиумски работници и Институтот за различности во медиумите од Лондон. Проектот е финансиран од Европската Унија.