Вести |

Медиумската писменост недоволно се изучува во основното образование

feat-img

„Итно е и нужно е ревидирање на наставните планови и програми со содржини за медиумска писменост во основното образование со теми кои имаат за цел да го поттикнат критичкото восприемање и анализа на медиумските содржини, особено оние на коишто се најмногу изложени учениците – новите медиуми и социјалните мрежи. Медиумската писменост да биде инкорпорирана во сите образовни периоди – од предучилишно до високо образование, со вклучување на трите основни елементи на овој концепт: пристап, анализа и продукција на медиумски содржини во сите можни форми.“

Ова се главните заклучоци од завршната конференција на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста „Медиумската писменост во образованието – предуслов за учество на младите во општествените и политичките процеси во Македонија“, одржана на 18.12.2018 г. во Скопје во рамките на тригодишниот проект на „Коалиција за медимска писменост“. Заклучоците од настанот се совпаѓаат со наодите во истражувањето „Медиумската писменост во Македонија – обид за имплементација во основното образование“, што Високата школа го реализираше во соработка со Бирото за развој на образованието. Во него се утврдува дека учебниците во основното образование – на сите јазици на кои се изведува наставата, се учат застарени содржини за медиумите, и треба итно да претрпат промени. Наставниот кадар има потреба од обуки за медиумска писменост, како и современи дидактички средства и услови за медиумска продукција (прирачници, практикуми, медијатеки и сл.).

Од Бирото за развој на образованието се очекува поголема ангажираност во следењето на имплементацијата на наставните програми, со цел навремено утврдување на потребите на наставниот кадар и учениците, особено за темите кои имаат за цел да ја унапредат медиумската писменост кај учениците. Препорака има и за педагошките факултети за ревидирање на студиските програми со современи наставни програми за медиумско образование и зајакнување на квалитетот на наставниот кадар којшто ги предава овие содржини како и вклучување практичари од областа на новинарството и комуникациите во академската настава.

На конференцијата присуствуваа и меѓународни експерти од оваа област: Лори Ласло од Институтот за аудиовизуелни дејности од Хелсинки го презентираше финскиот модел на медиумско образование, а Александар Коциќ од Напиер Универзитетот во Единбург го пренесе шкотското искуство за предавањата на Факултетот за новинарство што ги реализира во средните училишта. Милица Пешиќ од Институтот за различности во медиумите (ИРМ) од Лондон укажа на важноста за медиумската и информациската писменост кај граѓанските организации.

На настанот учествуваа 100тина ученици, професори, наставници, граѓански активисти кои беа дел од средношколскиот весник „Медиум“ и Коалицијата за медиумска писменост, претставници на БРО и МОН. Овој тригодишен проект што Високата школа го реализираше со партнерите – „Нова Македонија“ и ИРМ – Лондон, го поддржа Европската Унија.

Повеќе фотографии од настанот кликнете ТУКА