Активирај се |

Медиумски ден 2019

feat-img

Вкупно 172 средношколци од 14 училишта од целата држава учествуваа на Медиумски ден што Институтот за комуникациски студии го организираше по петти пат на 30 октомври оваа година. Средношколците посетија вкупно осум национални и локални медиуми кои се традиционални домаќини, а 70-тина ученици се сретнаа и со македонскиот претседател Стево Пендаровски. Учениците се запознаа со работата на новинарите, начинот на креирање вести и професионалните новинарски стандарди, а потоа имаа интервју со претседателот Пендаровски.

Годинашниот медиумски ден, ИКС го организираше во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“. За време на посетите во медиумите, учениците разговараа со новинарите дали и како медиумите информираат за теми за заштита на животната средина, екологијата и климатските промени. Кампањата ја поддржа и претседателот Стево Пендаровски и затоа учениците го завршија Медиумскиот ден со посета на вилата „Водно“, каде што изворно се запознаа со ингеренциите и активностите на претседателот за справување со предизвиците за климатските промени и заштитата на животната средина. Интервјуто на средношколците со претседателот Пендаровски, ИКС ќе го објави на веб-страницата www.medium.edu.mk.

На Медиумскиот ден учествуваа средношколци од вкупно десет града: „Ванчо Прке“ – Виница, „28 Ноември“ – Дебар, „Гоце Делчев“ – Валандово, „Богданци“ – Богданци, „Добри Даскалов“ – Кавадарци, гимназијата „Ј. Б.-Тито“ и медицинското средно училиште „Јован Калаузи“ од Битола, „Јане Сандански“ – Струмица, „Кочо Рацин“ – Велес, „Зеф Љуш Марку“, „Никола Карев“ и „Орце Николов“ од Скопје. Учениците ќе ги посетат следните осум медиуми: Македонска телевизија, весникот „Нова Македонија“, ТВ-21, Радио МОФ, Макфакс, ТВ-Тера – Битола, ТВ-Плус – Куманово и ТВ-Вис – Струмица.

Медиумскиот ден се совпаѓа со иницијативата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) „Денови на медиумска писменост“, на која се приклучи и ИКС преку организирање на своите активности за унапредување на писменоста за вести и за дигиталната писменост.