Активирај се | Создадено од вас |

Безбедноста на младите во Скопје

feat-img

Младите главно се чувствуваат безбедно, но како најголеми ризици за нивната безбедност го издвојуваат врсничкото насилство, присуството на дрога на улица и можноста од сообраќајни несреќи

Кога ќе ги погледнеме младите во нашата земја, во нивниот сегашен социјален контекст, може да се види дека нивниот личен развој се одвива во услови на зголемена несигурност и бројни безбедносни закани. Но, се чини дека токму темата за нивната безбедност што е од исклучителна важност, за жал, многу често се занемарува.

Младите, главно, се чувствуваат безбедно, но како најголеми ризици за нивната безбедност го издвојуваат врсничкото насилство, присуството на дрога на улица и можноста од сообраќајни несреќи. Според најновите истражувања на ХОПС – Опции за здрав живот – Скопје, 85 отсто од анкетираните одговориле дека се грижат за сопственото здравје и безбедност во текот на ноќните излегувања, а тоа најчесто го прават со пиење повеќе вода, нарачуваат пијалоци во шише или лименки кои сами можат да ги отворат, внимаваат да излегуваат со познати луѓе, во доцните часови не се враќаат пешки, туку со такси.

Безбедноста на ноќниот живот во Македонија испитаниците го оценуваат како средно безбедна со оценка 3  на скалата од 1 до 5 . Но, и покрај тоа дури  66,4 отсто од испитаниците имале непријатно искуство при ноќните излегувања.

Според ученичката Анѓелина Трајковска од гимназијата „Јосип Броз Тито”, безбедноста во Скопје е поголема преку ден отколку навечер.

„Од лично искуство, мислам дека Скопје е безбеден град преку ден. Но, за време на вечерните часови често има конфликти меѓу младите на местата каде што тие излегуваат (кафулиња, клубови, паркови…). Но, и покрај тоа сметам дека Скопје е еден од побезбедните градови во нашиот регион, вели Анѓелина.

За разлика од неа, ученичката Елена Ѓорческа од гимназијата „Здравко Цветковски”, смета дека Скопје е сосема безбеден град.

„И покрај секаквите случки во градот, сметам дека Скопје е прилично безбеден град. До сега немало некои ситуации во кои сум се чувствувала небезбедно. Често има полиција или обезбедување  на местата каде што има голем број на луѓе, што прави да се чувствуваме безбедни”, вели Елена.

Според размислувањата на младите, многу е важно да се подигне свеста кај самите нив. Она што би им било од помош се образовни кампањи и работилници за безбедноста кои можат да им обезбедат информации и вештини за спречување на потенцијални ризици.

Младите се чувствуваат побезбедно во Скопје преку ден отколку навечер

Младите како основно средство за движење низ градот го користат јавниот превоз, кој не секогаш е безбеден. Освен во вечерните часови, кога автобусите се најчесто полни со деца, меѓу кои може лесно да дојде до конфликт, во текот на денот автобусите се полни со луѓе, од кои не може лесно да се забележи кога е загрозена безбедноста, не само на младите, туку и на повозрасните патници во јавниот превоз. Ова би можело да се реши со зголемување на бројот на автобуси во текот на попладневните часови, кога има најмногу гужва во автобусите.

Подобрувањето на безбедноста на јавните простори во вечерните часови може да им обезбеди на младите поголема безбедност. Со оглед на тоа што младите голем дел од своето време го поминуваат во кафулињата и дискотеките, каде и најчесто е загрозена нивната безбедност, поголемото присуство на полиција или обезбедување може да ги намали можностите за конфликти меѓу нив и да ги заштити младите од потенцијални ризици.

Воедно, соработката помеѓу заедницата, властите и организациите за безбедност им пружа можност на младите да се почувствуваат заштитени. Само со заеднички напори и ангажмани можеме да создадеме околина каде што сите млади граѓани можат да се чувствуваат слободно и да уживаат во најубавите години од својот живот, без страв од непријатности и опасности.

Автор: Тереза Кимова, СГГУГС ,,Здравко Цветковски” – Скопје