Активирај се | Создадено од вас |

Како да избегнеме тивката закана од агресијата да прерасне во навика?

feat-img

Честопати децата, односно младата популација знае да го пренесува она што го гледа и да шири онаква енергија каква што преживува. Сите оние аудиовизуелни содржини, посебно оние каде има насилство, често се манифестираат и во секојдневието.

Секојдневните ситуации влијаат на нашето различно однесување во текот на животот, со што ние развиваме одредени карактеристики. Секој од нас е различен, уникатен и посебен. Но, темпото на животот и сето она на што сме изложени нé тера да „пловиме“ низ современите проблеми и притоа несвесно да правиме промена на нашите животни навики. Меѓу многуте фактори на кои сме изложени денес е и агресијата. Па така, многу почесто слушаме за агресивно однесување кај некои луѓе.

Агресијата, по дефиниција, е состојба во која личноста има или чувствува склоност кон насилно и непријатно однесување врз едно или повеќе лица. Таа може да биде од одмазда, како одговор на тоа лице или, пак, може и воопшто да не постои никаква провокација, но сепак некој на агресивен начин да реагира кон соговорниците и оние кои се во негова близина.

Честопати, овие личности кои се склони кон агресивно однесување знаат да употребат насилство или некои обични ситуации да ги претворат во конфликт, без разлика дали има вербална или невербална комуникација. Ваквиот вид на однесување уште може да кажеме дека има поврзаност и со девијантно однесување и создавање на таканаречена девијација на личноста. Покрај агресивните напади тука ги вклучуваме и сите други ситуации поврзани со девијантното однесување.

Ова би било малку пошироко дефинирање на агресијата. Во продолжение да видиме што влијае таа да се развие, или доколку била прикриена, да се манифестира кај една личност.

Влијанието на мас-медиумите врз агресијата

Денес дигитализацијата нѝ дозволува најголем дел од времето да го поминуваме пред малите екрани и да следиме сé што се случува со само неколку кликови. Од денешен аспект можеме да кажеме дека патот до информациите е многу олеснет што значи дека тие се шират со голема брзина и стигнуваат до секого, со што секојдневно сме изложени на безброј новости. Но, во ова море од информации, дел од нив се корисни, додека дел од нив се и малициозни, односно нивната цел е да не заведат, да нè дезинформираат, да нè излажат. Некои од нив се толку вешто спакувани, што успеваат да допрат до нашите емоции, па кај луѓето кои се склони кон агресија го поттикнуваат насилното однесување.

Информациите најчесто ги примаме преку медиумите кои допираат до поширока и поголема публика – уште познати како масовни медиуми или мас-медиуми. Факт е дека овие медиуми се за ширење на корисни информации, но како што рековме, во тој секојдневен бран, се протнуваат и негативни содржини, посебно во време на кризи – енергетска, социоекономска, политичка и финансиска криза.

Овде можеме да го спомнеме и влијанието на видеоигрите и филмовите со содржина која кај многумина ја „буди“ агресијата и агресивното однесување. Честопати децата, односно младата популација знае да го пренесува она што го гледа и да шири онаква енергија каква што преживува. Сите оние аудиовизуелни содржини, посебно оние каде има насилство, често се манифестираат и во секојдневието. Според младите, агресијата во денешно време најчесто се одликува во училиштата.

Улогата на образованието и домашното воспитување

Како што кажавме, врз нашето однесување во текот на животот влијаат многу фактори. Но, семејството и училиштата се оние кои треба да нè водат за да се развиваме во здрави личности. Токму училиштата се местата каде што најчесто се манифестира агресијата.

Неговата соученичка Ивана Дамчевска посочува дека затоа од големо значење врз развојот на децата и младите имаат токму образовните програми.

Големо влијание врз развивањето на вакво однесување има и домашното воспитување. Ова важи посебно за најмладите и навиките кои тие ги стекнуваат на почетокот од својот живот. Децата најчесто се слика на своите родители. Па затоа, од односот на родителите кон нив, зависи како тие и ќе се однесуваат во средината. На ова се надоврзува и брзото темпо на живот и влијанијата од надвор кои ги споменавме. И професорката по психологија, Сузана Кусеска, признава дека агресијата е голем проблем во денешно време, посебно кај младите луѓе.

„Сметам дека младите луѓе стекнуваат навика да живеат брзо, своето темпо го одредуваат прерано, а и со самото тоа доаѓа предизвикот да се соочуваат со стресни ситуации. Во такви моменти способноста за контрола ретко каде доаѓа до израз, напротив агресијата претставува единствено решение во нивните очи. Сé почесто и почесто ваквиот вид на агресивно однесување проследено со напади на агресија доведува да се запрашаме дали трендовите, медиумите, образованието, општеството, секојдневните проблеми и опкружувањето во средината навистина делуваат врз нас како што треба или ова претставува само една нова ера на функционирање во околината. Според мене погрешното поставување на ситуациите со дополнително комплицирање на младите генерации претставува потенцијален проблем за нарушување на балансот во она што досега било познато како здраво живеење“, додава професорката Кусеска.

Но, многу често агресивното однесување или нападите на агресија се резултат и на самоодбрана, најчесто на непознати или комплексни ситуации.

Поврзаноста на агресијата со одредени професии

Одреден вид на професии можат да придонесат симптомите на агресија или агресивното однесување да се развијат многу побрзо. Такви се оние професии каде има поголем директен контакт со луѓе. Препорака на многу психолози и психијатри во такви случаи е да се промени работата, но и да се сменат животните навики, со што напнатоста, нервозата и агресијата би се избегнале или неутрализирале. Затоа се препорачува физичка активност, кој може да биде или занимавање со спорт или пак, трчање или одење во природа, или вежбање во фитнес- клубови.

Секојдневното функционирање на ваков начин на кој самите се уверуваме дека претставува „модерно“ живеење со себе носи и „модерни“ последици кои ги дознаваме дури откако ќе се појават. Она што е погрешно е нивно игнорирање, со што проблематичните ситуации и фрустрации се трупаат. Она што е правилно е навреме да се препознаат симптомите, и оваа агресија, која веројатно сте ние ја имаме длабоко скриена во нас, да се канализира и да се избегне навикнувањето на неприродни и нездрави стандарди на „модерното“ живеење.

Автор: Михаил Ангелески, ученик во СОУ „Ѓорче Петров“, Прилеп