Активирај се | Создадено од вас |

Младата гевгеличанка Михаела Попова ќе им суди на најдобрите светски тенисери

Сонот на 24-годишната Михаела Попова од Гевгелија полека станува јаве. Од линиски судија низ турнирите по светот, таа пред неполн месец положи за судија на стол, стекнувајќи се со статусот бела значка на интернационалното училиште кое се одржа во Париз, Франција. Со ова таа стана главен судија со меѓународна лиценца. Ова ќе ѝ овозможи да суди на професионални меѓународни сениорски турнири (ITF Futures, ATP Challengers). Заедно со Михаела, Македонија сега има вкупно четири вакви судии, кои можат да одговорат на барањата на организаторите и да судат мечеви кои се организираат во Македонија и во светот. Михаела е најмлада од македонските судии, а покрај неа како судии на стол се и Зоран Поповски, Анета Павловска и Душан Костадиновски.

Како и кога започна љубовта кон тенисот?

-Љубовта кон тенисот започна кога имав 11 години, благодарение на мојот постар брат Душан кој исто така е љубител на тенисот, а подоцна и мој тренер.

Колку години си тенисерка и како дојде до идеја да станеш судија?

-Успехот во тенисот не ми беше баш најдобра страна, но да бидам искрена за судењето не знаев баш ништо. Исто така благодарение на мојот брат кој пред мене започна со судењето, после година­-две започнав и јас. Благодарение на него, сега сум каде што сум.

Што значи да се има бела значка како судија во светски рамки?

-Прво, се започнува како линиски судија, со малку повеќе искуство, мотивација од другите судии, мотивација од судиите на стол, судење на стол прво национално ниво, се добиваат мечеви, се прави евалуација на мечевите. Исто така се аплицира за училиште и ако ти ја прифатат апликацијата, се оди на бела значка.

Тежок ли е патот да се стигне до ова што си сега?

-Патот до успехот е секогаш тежок. Благодарение на поддршката што ја имам, на моето семејство и пријателите стасав до тука.

Што значи сега таа бела значка, каде Михаела понатаму ќе суди?

-Белата значка значи судија на стол. Судија на стол значи дека можам да судам на нашите турнири во Македонија, но и на турнирите по светот, но со понизок ранг. Значи, чекор по чекор. Има и бронзена значка и сребрена значка и златна значка за повисоките турнири и за поголемите.

Како се стигнува да се биде судија на некој турнир или значаен натпревар?

-Постои апликација која ја добиваме од сите колеги низ светот што се исто така линиски судии, аплицираме, и каде нè прифаќаат, таму одиме. Не може секогаш да нè прифатат. Некогаш и ги одбиваат нашите апликации и не може на секој турнир да се оди. Но, со искуството одиме секогаш чекор понапред на поголеми турнири на светско ниво.

Автор: Ѓорги Новаковски, ученичка во СОУ„Јосиф Јосифовски“- Гевгелија