Активирај се | Создадено од вас |

Во Скопје нема албанска книжарница

feat-img

„Lufta dhe paqja“. Ова е албанскиот превод на насловот на најпознатото дело на Лав Николаевич Толстој „Војна и мир“. Делото е со епски размери и се смета за едно од најславните дела на пишаниот збор. Важи за едно од најдобрите литературни достигнувања, заедно со другото негово познато дело „Ана Каренина“. Но, делата на Толстој или на кој било светски автор е тешко да се најдат во албанска верзија во Скопје, затоа што во оваа метропола веќе две години нема албанска книжарница. Во последно време само една книжарница се обидува, меѓу многуте македонски преводи, да понуди и литература на албански јазик, но тоа е многу малку и далеку од доволно.

Читателите се принудени да нарачат книги вон Скопје

Фактот дека нема албанска книжарница во главниот град на Северна Македонија каде што живеат голем број албански ученици и студенти, претставува парадокс.

Според листата на активни регистри на Министерството за образование и наука во Скопје има 17 основни училишта, 2 гимназии и 1 факултет со настава на албански јазик. Меѓутоа на листата, податоците се објавени без наведување на информации за тоа на кој јазик се оддржува наставата и МОН ги изброило само училиштата со албански имиња. Тоа не значи дека во други училишта нема настава на албански јазик, бидејќи во некои училишта наставата се одржува на двата јазика. Во Скопје се наоѓаат и Универзитетот на Југоисточна Европа и Институтот за духовно и културно наследство на Албанците. Сепак, во статистиките на МОН нема точен број на албански ученици и студенти за учебната 2023/2024 година.

Учениците и студентите принудени се да нарачуваат книги вон државата, но сепак ретко, бидејќи немаат доволно економски можности за сите процедури кои ги вклучува нарачувањето на книга од друга земја.

„Во Скопје имаме проблем затоа што немаме албанска книжарница. Принудени сме да нарачуваме книги од Тирана или Приштина или од други градови. Постојат неколку издавачки куќи, но сепак нивните книги или се со религиски содржини, или се многу лимитирани на број“, рече Елбухар Камбери, студент по меѓународни односи и дипломатија.

Во последните 12 години во Скопје имало периоди кога немало воопшто албанска книжарница

Ова е проблем што се протега низ годините. Според податоците од онлајн-весниците дознаваме дека во последните 12 години во Скопје функционирале само две книжарници. Според Telegrafi.com во 2012 година се отворила кафе-книжарницата „Чаршиската книжарница“ во Старата скопска чаршија и таа се затворила после 6 години, односно во 2018 година, за да се замени со бар и ресторан. Потоа, после 3 години немање книжарница,  односно во 2021 година, според Koha.net и емисијата Happy Day на ТВ Клан Македонија, се отворила книжарницата „Нобел“ на истата локација – Стара чаршија. Оваа книжарница, која што била дел од истоимената книжарница во Тетово, не успеала да остане на пазарот, со што се затворила после само една година работа, во 2022 година. Од 2022 година до денес,  главниот град на Македонија е без книжарница на албански јазик, односно албанските читатели се останати без пристап до книги на мајчин јазик.

Две години без книжарница, а што со тие кои сакаат да читаат?


Зошто еден центар како Скопје, каде што според Државниот завод на статистики во пописот од 2021 година регистрирани се 120.293 албански граѓани, не успева да обезбеди ниту еден агол за една албанска книжарница? И, што е најважно, како влијае ова врз читателите?

„Фактот дека во Скопје нема албанска книжарница, според мене, укажува дека, на некој начин, кај новите генерации – а ова го гледам во мојата работа и во гимназија и во универзитет – недостасува културата на читање“, вели Илир Салиу, професор по албански јазик и книжевност. „Ова се гледа и од историјатот на албанските книжарници во Скопје коишто не успевале да имаат долготрајност. Фактот дека нема албанска книжарница ги демотивира и тие што сакаат да читаат, бидејќи принудени се да поминат низ многу перипетии и предизвици за да стигнат до книгите“, додаде професорот.

Трговските центри, новите чаршии!

Дали оваа состојба е навистина резултат на отсуство на култура на читање и што може да се направи за да се надмине овој проблем? Податоците од единствената книжарница што нуди избор на книги на албански јазик потврдуваат дека има интерес за читање и книгите постојано се продаваат во сите продавници во трговските центри низ Скопје. Тоа отвара нова дебата: колку е важна локацијата на книжарницата за време на хиперконсумеризмот кога центар не е веќе чаршијата, туку големите трговски центри? Според мапирањето, единствените две книжарници што постоеле во Скопје во последните дванаесет години се наоѓале во Старата скопска чаршија.

Локациите на постоечките албански книжарници во Скопје во последните 12 години

Новата практика на додавање на книги од албанската книжевност во македонските книжарници изгледа успешен обид. Сепак, мнозинство од читателите не мислат дека можат да најдат книги на нивниот мајчин јазик во македонските книжарници, бидејќи досега немало оддели за албанската книжевност или книги на албански јазик по скопските македонски книжарници. Останува да се оцени од експертите дали е потребен соодветен план за маркетинг на книгите на албански јазик во различни книжарници, во соработка со наставници и професори од училиштата и универзитетот.

Автори: Саранда Мехмеди, Дхурата Алија, Јован Ричковски

Текстот претставува финална задача изработена на Мастер часовите за медиуми и новинарство на Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.