Активирај се | Создадено од вас |

Средношколците учат да „намирисаат“ медиумска лага

feat-img

„Само наивните веруваат на лажни вести, нам не може да ни се случи тоа“.

Ова е една од поголемите лаги во кои по малку веруваме сите, особено средношколците, бидејќи, владеејќи ги компјутерите и платформите од Интернет од каде што најчесто се информираат, се убедени дека нема лага што може да им се подметне како вистина.

Но, технолошките можности се достапни за сите, а оние што свесно пласираат лажни вести не се наивни, туку напротив, бараат начини и поседуваат вештини како да создадат паралелен свет во кој повеќемина ќе веруваат.

Ние не можеме и не сакаме да им кажеме кој е добар медиум, а кој не е, но преку низа едукативни работилници, наречени средношколски спринтови, да им дадеме нови вештини на младите во Македонија кои допрва треба да носат одлуки, а голем дел од нив ќе ги градат по информациите што ќе ги добиваат од медиумите.

„Од мала сакам вакви работи, но, никогаш не сум имала можност да учествувам“, вели Мила Симоновска од СОУ „Јосип Броз-Тито“ Скопје, од која стаса првиот коментар.  

Тоа нам ни даде верба дека сме на добар пат, а на другарите околу неа им даде идеја да ни кажат како тие гледаат на работилницата.

„Најмногу ќе ми користи тоа што научив да препознаам лажна од вистинска вест“, вели Тамара Илиева од истото училиште.

Преку работилниците се обидувавме да ги исполниме трите главни цели: Да информираме, да едуцираме но и да се забавуваме. Оценките од средношколците ни беа единствената можност за да знаеме дали сме на вистинскиот пат.

„Мислам дека е многу забавно, навистина, да бидам искрена, не очекував да биде толку забавно. Предавачите зборуваат со таква страст што дури и јас посакав да бидам новинарка“, задоволно ни одговори Елиза Ибраими од СОУ „Панче Караѓозов“ од Скопје.

Освен забавно, за нејзината соученичка, ваквата работилница има многу поголемо значење.

„Оваа работилница ми е многу корисна со оглед на тоа дека живееме во време кога буквално сме бомбардирани од информации од сите страни. Без разлика дали некој е на Интернет, на социјалните мрежи или само гледа во билборди или традиционални медиуми, убаво е да се има ваква работилница за да се погледне во очи и на лагата и на вистината“, вели Ангела Нацева СОУ „Панче Караѓозов“.

На овогодишните новинарски спринтови посетивме осум средни училишта

Отворивме ли пат за идни новинари?

Во последните години упорно се зборува дека новинарството не е атрактивна професија, ама изненадувањето ни стигна од терен.

„Имам желба да станам новинар и затоа дојдов да се едуцирам повеќе на оваа тема“, вели Дамјан Димитриевски од СОУ „Кочо Рацин“, Свети Николе. Слична желба има и Мери Карадаковска од истото училиште.

„Со обуката сѐ беше опфатено. Јас многу повеќе се запознав со новинарството како професија и би сакала да го работам ова“.

Но, инспирацијата е обострана. Едукаторите даваат колку што можат, а енергијата се враќа од другата страна, кога средношколците подеднакво ќе учествуваат во квизовите или дискусиите. Окото се остри за филтрирање на вестите, ама и времето поминува брзо и забавно.

„Обуката беше супер и доста едукативна. Ме освести со некои работи за дезинформации“, вели Евдокија Маркова од СОУ „Кочо Рацин“, Свети Николе.

„Учењето за факти и нови начини како да распознаам дезинформации ми беа најкорисно нешто од обуката“, смета Евгенија Васева од истото училиште.

Се чини најзадоволен од работилницата излезе Нино Трајчевски од СОУ „Кочо Рацин“, Свети Николе.

„Сите што не биле на ваква работилница испуштиле многу. Ова е одлично искуство“.

Повеќенеделните патувања низ Македонија ниту беа залудни, ниту беа напорни, бидејќи преку изјавите на учесниците се полните со позитивна енергија.

„Најкорисна беше презентацијата за дезинформации и мисинформации која ни помогна да ги разликуваме и идентификуваме истите во разни вести“, вели Ана Ночевска од СОУ „Таки Даскало“ од Битола.

„Од работилницата научивме многу нови работи поврзани со медиумите како и се запознавме со стручни лица кои долгогодишно работат со медиумите и имаат добра и правилна комуникација“, велат со насмевка на лицето и близначките Драгана и Љубица Божиновски од Тетово.

„Најкорисно што научив во работилницата беше дека не треба да се верува на сите извори на медиуми, само на официјалните и автентичните ако навистина сакаме да бидеме сигурни“, вели Максим Чукниев од СОУ „Јовче Тесличков“ од Велес.

За Марија Бошевска, пак, една работилница не е доволна.

„Повторно би сакале да се дружиме и на друга работилница за оваа тема“, ни рече таа на заминување.

Слични се импресиите и од Крива Паланка

„Најмногу од оваа работилница ми се допадна квизот кој го правевме. Мислам дека скоро сѐ беше корисно и ќе може да го искористиме понатаму“, вели Aна Велкоска од СОУ „Ѓорче Петров“.

„Најкорисно ми беше да дознаеме како и на кој начин информациите да ги филтрираме и да видиме кои се точни, а кои не,“ дополни Мила Марковска.

За Никола Митовски од истото училиште, после сѐ, најкорисно му била последната задача.

„Најубаво ми беше кога сами поставивме тема за проблем во нашиот град, за да ја обработиме како прилог“.

Може ли она што го гледате со свои очи да биде лага? Колку е лесно да препознаете вистина? Дали сте биле веќе излажани од медиумите?

Ова се само неколку прашања за вас што го читате овој текст, бидејќи со средношколците од сите делови на нашата земја веќе ги разговаравме на средношколските спринтови кои се дел од проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

На овогодишните новинарски спринтови посетивме осум средни училишта

Новинарка: Катерина Топалова