Активирај се | Создадено од вас |

Студентски дом „Гоце Делчев“ – подобрени услови, зголемен непотизам

feat-img

Изграден во 70-тите години на минатиот век, студентскиот дом „Гоце Делчев“ и неговите 1 216 легла повторно станаа посакувано место за престој по реновирањата спроведени во последните години. Но сега, модернизираните врати на зградата која е познат примерок на архитектонскиот стил брутализам, се отвораат само преку непотизам.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ се наоѓа во скопската населба Тафталиџе. Почнал да се гради во 1969 година, на Денот на ослободувањето на Скопје – 13 Ноември. Од отворањето, речиси и да не беше реновиран, па минатата деценија објектот познат во својата бруталистичка архитектура, заслужи епитет дека е брутално место и за неговите станари. Негрижата доведе и до серија немили настани и бројни реакции за нехумани услови за живеење.

Како последица, од 2016 до 2020 година се реновираа сите 4 станбени блокови, вклучувајќи ги собите за домување, внатрешната инфраструктура, ходници, тоалети, заеднички простории за спортски и рекреативни активности и надворешно партерно уредување. Единствено, студентската менза, и денес, сѐ уште сведочи за 1970-тиот оригинално, пост-земјотресно изграден „Гоце“.

Па, од статус на „црна хроника“, „хорор филм“ и ред други „епитети“, се забележува промена во мислењето кое владее меѓу студентите за студентскиот дом „Гоце Делчев“ како посакувано место за живеење. Според студентите кои го споделија своето мислење во анкета спроведена за потребите на оваа сторија, иако отсекогаш важел за дом со добра местоположба и прифатлива цена, со реновирањето сето тоа дополнително доби на вредност.

На нашето прашање, како би го рангирале „Гоце Делчев“ со оценка од 1 до 5, овој студентски дом заработи „многу добра“ оценка, односно 3.89 од максималните 5, според одговорите на 27 жители.

Анкетното истражување дополнително покажува дека со поголемата популарност по реновирањето и зголемената побарувачка за сместување во него, сè повеќе е забележителен и негативниот тренд на непотизам, односно користење на „врски“ за добивање на студентски кревет. Дури 81% од 27 студенти кои одговорија на нашата анкета споделија дека биле приморани да искористат контакти или познаници за да добијат позитивен одговор на нивните апликации за сместување во домот или загарантирано сместување. Како причина, дел  од анкетираните се изјаснија дека се одлучиле на тој чекор поради генералното „размислување“ дека сместувањето е возможно само со „врски“ и никако без тоа или поради тоа што биле првично одбиени од непознати причини или биле „жртви“ на непочитување на административни критериуми при селекција.

„Како студент со највисок просек во завршна година, не бев примен ни во првиот рок, ни по приговор…бев приморан на начин каков што не практикувам и не поддржувам, да се здобијам со легло, за да можам да завршам со студиите за кои бев спремен да ги одложам поради неможноста да обезбедам сместување“, одговори едно лице во анонимно пополнетите анкети.

Подобро, но далеку од сјајно

Но, и покрај подобрените услови, зголемениот интерес кај студентите и „бариерите“ за обезбедување студентски кревет, искуствата покажуваат дека ниту непотизмот не може да го скроти „брутализмот“ на Гоце.

Нефункционални лифтови, ниско ниво на хигиена по тоалети и менза, често отсуство на топла вода, немање простор за дружба или услови за некаков социјален живот и најгорливиот проблем според многумина – храната во студентската менза, се реални проблеми кои ниту реновирање не успева да ги „скроти“.  Овој заклучок е оформен според одговорите во анкетата добиени на прашањето за аспекти/услови од кои студентите не се задоволни од студентскиот „Гоце“. Чести се поплаките на студентите од најгорните катови, кои се 14 на број, дека поради нефункционaлност на лифтовите во сите 4 блокови мораат да ги качуваат на рака своите куфери до последен спрат, па потоа уште еднаш да се вратат 100 скалила удолу за до менза или на факултет, и на враќање повторно да го поминат истиот пат до „врвот“. Честиот недостаток на топла вода и (не)работењето на пералната, лошото одржување на хигиена во тоалетите, недостапноста на управителот, некоректното однесување на останатиот вработен персонал се само дел од коментарите кои  анкетираните студенти дополнително ги образложија.

Храната во студентската менза убедливо го заслужи приматот на листата на најгорливи проблеми и поплаки меѓу студентите. Секој испитаник кој одговори на нашата анкета го изрази своето длабоко незадоволство од квалитетот и разновидноста на храната, нездравите оброци послужени како вечера, лошиот начин на подготвување на храната, отсуство на вегетаријанска опција и премалите порции, односно недоволното количество на храна.

„Храната е за ранење на кучиња, а не студенти. Со 2 мевциња не се најадува дете од 2 години, а не пак студент од 20+ години кој што цел ден го поминал на факултет“, напишал еден од анкетираните.

„Мизерните порции во менза и срамота е да нема вода која ќе може да се пие со оброкот (не бараме сокови ама бар апарат за вода и пластични чаши)“, се изјаснил друг анкетиран студент.

Ваквата перцепција опстанува и покрај тоа што после реновирањето на домот се смени и менито за храна по цели 16 години. Дури и обезбедената мерка „Оброк за секој студент“ за издвојување 2 400 денари месечно по студент на операторите што ќе обезбедуваат храна се чини дека не ги дава посакуваните резултати.

Другите домови не добија ни толку

Државниот студентски дом „Гоце Делчев“ e најголем во државата и покрива 30% од вкупните сместувачки капацитети на Државниот студентски центар во Скопје. Со години, неговото име се споменуваше во медиумите поради поплаките на жителите за мувлата, лебарките, руинирани тоалети, распадната инсталација и расипани бојлери. По пожарот во блокот Б во 2013 година, тогашната Влада најави целосна реконструкција. Но, на крај се спроведе етапна обнова. Реконструираниот Блок Б беше пуштен во употреба есента 2015 година, а работите, според тогашниот заменик-министер за образование Спиро Ристовски, чинеа околу 1,4 милиони евра. Следеше реконструкцијата на Блокот А која заврши во 2017 година и чинеше уште 1,5 милиони евра, а на пуштањето во употреба повторно дојде заменик-министерот Спиро Ристовски, заедно со претседателот на неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски. Блоковите В и Г беа пуштени во употреба заедно, во 2020 година. Инвестицијата чини 2,7 милиони евра, изјави премиерот на во тој момент техничката влада, Оливер Спасовски, инаку кадар на СДСМ. Или, сè на сè, „Гоце Делчев“ се реновираше речиси 7 години, за сума од околу 5,6 милиони евра.

Ветувања за реновирање и на другите домови во Скопје има речиси секоја година, независно кој е на власт. Но, од 2019 година се обезбедени и пари – 20 милиони евра од Германската развојна банка. Медиумските истражувања покажуваат дека државата годишно плаќа десетици илјади евра во провизии бидејќи парите стојат на сметка, а на терен не се гради. Проблемот за застојот, според изјава од мај минатата година на директорот на Државниот студентски дом – Скопје, Виктор Велевски, е дека зградите на студентските домови не биле впишани на име на институцијата. Без тоа, банката не дозволува трошење на парите. Тој проблем, вели Велевски во истата изјава, бил надминат. Па, конечно, можеби наскоро ќе почне реконструкцијата и на другите големи студентски домови во Скопје – „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски- Питу“.

Авторки: Магдалена Ивановска, Радица Велкова, Тања Стојаноска, Елена ТимчеваТекстот претставува финална задача изработена на Мастер часовите за медиуми и новинарство на Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.