Активирај се | Создадено од вас |

„Еве ти пари, заврши ми работа“ – Може ли Македонија да стане држава без корупција?

feat-img

Граѓаните се разочарани од големото ниво на корупција во државата. Ниската доверба во органите на правдата ја зацвртуваат навиката кај македонските државјани да не пријавуваат мито. Според најновиот извештај на „Индексот за перцепција на корупција“, кој Транспаренси Интернешнел го објавува секоја година, Македонија е на 76-тото место од 180 светски држави. Земјата е и понатаму на втората половина од листата, кај послабите држави во регионот според перцепцијата на корупцијата.

Перцепции на граѓаните за корупција

„Пред сè, за корупција треба двајца, еден што ќе бара и еден што ќе понуди мито. Тоа го имаме кај нас. Секој трет Македонец би рекол, „Да, јас би дал пари“. „Тоа е како да прашате пушач, сите пушачи ќе се сложат дека цигарите се лоши и штетни, но сепак се пуши”. Вака граѓаните ја опишуваат распостранетоста, а и општо поимот корупција во државата, во истражувањето „Граѓаните против корупцијата“.

Во него, граѓаните објаснуваат дека она што ја држи во „живот“ корупцијата е немањето на квалитетни услуги во државата, но и ниските плати на работниците. Истражувањето, за кое се контактирани 80 жители од сите региони на државата во периодот од 10 до 25 август 2023 година, покажува дека преовладува размислувањето дека корупцијата провејува насекаде, широко е распостранета и е нормализирана како општествена појава.

Зошто граѓаните не пријавуваат корупција?

Стравот и ниската доверба во институциите се главни причини зошто граѓаните не пријавуваат корупција, сметаат експертите.

„Граѓаните не пријавуваат корупција бидејќи прво се чувствуваат сами во тоа. Сметаат дека ако пријават корупција, ќе бидат изложени на дополнителен ризик од реперкусии зашто пријавиле корупција и дека можеби нема да можат да го добијат тоа што им следува. Истовремено, влијанието за тоа дали ќе пријават корупција или не зависи од нивната доверба во институциите“, изјави Миша Поповиќ, од Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

Податоците на Државниот завод за ревизија покажуваат дека бројот на лица осудени за давање или примање поткуп е многу мал. Забележителен е тренд на намалување на бројот на овие лица. Најголемиот број лица за давање и примање поткуп – 20, биле прогласени за виновни во 2010 година, а најмалку – три лица, во 2018 година. 55 лица биле обвинети за примање и давање на поткуп од 2017 до 2022 година, а прогласени за виновни биле 29, покажуваат податоците на „Макстат“. Трендот на мал број обвинети лица продолжува и во 2021 и во 2022 година, со четири обвинети лица годишно.

Има ли излез од синџирот „еве ти пари – заврши ми работа“?

Експертите сметаат дека драстично намалување на корупцијата во земјава е можно само преку сеопфатна и одлучна акција на сите чинители. Борбата против корупцијата е организирана како систем на поврзани институции и таа може да даде резултати само со успешна и ефикасна работа на секој од чинителите во системот.

„Ако има една или две успешни институции, а другите во системот се нефункционални, не сме направиле ништо. Напротив, тоа е многу полошо бидејќи така се намалува довербата на граѓаните дека ќе се реши случајот што ќе го пријават или не мора ниту да го пријават, туку случајот за кој што знаат, чуле или виделе. За секоја институција, па и индивидуа да се бори успешно против корупцијата, клучна е јасна,

„Ако има една или две успешни институции, а другите во системот се нефункционални, не сме направиле ништо. Напротив, тоа е многу полошо бидејќи така се намалува довербата на граѓаните дека ќе се реши случајот што ќе го пријават или не мора ниту да го пријават, туку случајот за кој што знаат, чуле или виделе. За секоја институција, па и индивидуа да се бори успешно против корупцијата, клучна е јасна, цврста и непоколеблива политичка волја. Таквата решеност натаму ќе дава силен сигнал дека нема толеранција за каква и да е корупција. Ако отсуствува политичка волја, тогаш е многу тешко на кој било што се бори против корупцијата – било тоа да е граѓанин, институција, организација, итн. да успее во таа борба. А потоа лесно доаѓа до фрустрации, огорченост и разочараност“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
(фото, извор:Pina.mk)

Според него, граѓаните имаат клучна улога во решителна борба против корупцијата која ни ги „јаде“ сегашноста и иднината.

„Граѓаните се тие кои можат да речат „НЕ“. Граѓаните се тие кои можат да бараат од властите да ја направат приоритет борбата против корупцијата. А еден важен предуслов веќе е остварен. Во сите последни релевантни испитувања на јавното мислење граѓаните на оваа земја ја ставаат корупцијата како најголем општествен проблем со којшто се соочуваат. Затоа е време тој проблем да се „нападне“ од сите нас и со сите средства“, дополнува Филков.

Не е се така црно ниту според Поповиќ, кој го потенцира фактот дека други истражувања покажале дека лани е зголемен бројот на граѓани кои кажале „не“ на корупцијата.

„Тој број е над 100.000 луѓе, кои биле на некој начин притиснати од корупција, им било покажано од страна на претставници на институциите, од шалтер па нагоре, дека се очекува од граѓаните пари, подарок или противуслуга за да добијат тоа што им следува. Меѓутоа, повеќе од 100.000 граѓани кажале „не“ на корупцијата. Тоа е нешто што охрабрува. Тоа е нешто што покажува дека доколку ние разбереме дека постојат голем број граѓани кои ни се содружници во борбата против корупцијата, заедно може да се каже „не“, и да се спротивставиме на таа корупција, без разлика дали во моментот гледаме или не начин каде тоа да го пријавиме. На крајот од денот, секогаш постојат медиумите кои можат да помогнат во оваа макотрпна борба“, објаснува Поповиќ од Институтот за демократија.

Автори: Габриела Лескова, Ружица Стојановска, Јелмаз Дервиши

Текстот претставува финална задача изработена на Мастер часовите за медиуми и новинарство на Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.