Активирај се | Создадено од вас |

Со претставата „И сега, што правиме“ заврши проектот за медиумска писменост „Јас=Медиум“

feat-img

Учениците од сите основни училишта и од средношколскиот центар во Гевгелија изминатите осум месеци одржаа повеќе работилници со новинари, режисери, психолози и наставници по македонски јазик со цел откривање и препознавање на дезинформациите и креирање на добри содржини.

Во рамките на проектот „Јас=Медиум“ на здружението „Од станица до граница“ во Народниот театар во Гевгелија се одржа завршниот настан на кој премиерно беше изведена претставата „И сега, што правиме?“. Билјана Георгиевска како проектен координатор на ReLOad – програмата истакна дека проектот „Јас=Медиум“ е еден од проектите во кои директни учесници се младите разработувајќи теми што ги засегнуваат подеднакво сите генерации.

Претседателот на здружението „Од станица до граница“, Тони Аврамов вели дека е задоволен од имплементацијата на овој проект кој ги опфати сите училишта од Општина Гевгелија, и во рамки на кој беа продуцирани повеќе медиумски содржини со едукативен карактер.

„Проектот „Јас=Медиум“ ја исполни својата цел. Со него беа опфатени сите училишта во Општина Гевгелија и како организатори сме и повеќе од задоволни со реализацијата на активностите. На крајот од овој проект направивме и анализа со помош на дополнителна анкета помеѓу учениците и за жал сè уште голем процент од младите, повеќе од 70% дневно се повеќе од шест часа на мобилните уреди. Тоа е загрижувачка бројка, затоа што младите се оттргнати од општествената социјализација, па слободно можам да кажам и од редовните секојдневни ангажмани што треба да ги имаат дома и на училиште. Радува фактот што анкетата докажува дека учениците за разлика од возрасните, полесно ги препознаваат лажните вести и знаат кои алатки и методи да ги користат за откривање на таквите содржини. Како здружение продолжуваме понатаму, станавме член на Македонската медиумска мрежа и се насочуваме уште повеќе кон изработка на аудио-визуелни едукативни содржини и едукации поврзани со медиумската писменост“, истакна Аврамов.

Како претставник на наставниците, но и како дел од екипата за едукација од областа на психологијата во овој проект на присутните им се обрати и Мери Олумчева истакнувајќи „детето е татко на човекот и во оваа насока треба ние возрасните да ги препознаваме ваквите проекти кои на интерактивен начин едуцираат и ја поддржуваат медиумската писменост“.

На настанот беа доделени наградите од конкурсот „За мојата приказна јас сум медиумот“, а беше изведена и претставата „И сега, што правиме“, со текст од Марија Џиџева, а во режија на Даниела Џишева и Марија Џиџева. Претставата ја одиграа членовите на драмската група „Дон Кихот“ при СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија. Меѓу гостите на настанот беа  наставници, родители и ученици од сите училишта од Општина Гевгелија што беа вклучени во проектните активности.

Во фокус на проектот „Јас=Медиум“  беа секојдневните предизвици на младите при информирањето,веродостојноста на информациите и опасностите што се јавуваат како за психофизичкиот развој, употребата на социјалните мрежи, но и обезбедување алатките што можат да помогнат при откривањето на лажните информации и фотографии.

Учениците од сите основни училишта и од средношколскиот центар изминатите осум месеци одржаа повеќе работилници со новинари, режисери, психолози и наставници по македонски јазик со цел откривање и препознавање на дезинформации и креирање на добри содржини.

Проектот „Јас=Медиум“ на здружението „Од станица до граница“ се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот  „Јас=Медиум“ е кофинансиран од Општина Гевгелија.

Автор: Ангела Иванова, ученичка во СОУ„Јосиф Јосифовски“- Гевгелија