Неговата апликација за лица со аутизам ја симнале над 10.000 луѓе
Има само 15 години, а зад себе многубројни награди, освоени на балкански, европски и светски натпревари како информатичар и компјутерски програмер.
Со информатичката наука се занимава од петто одделение и за три години веќе има изработено над 16 апликации, достапни на “Гугл плеј стор”. На негови 11 години е препознаен неговиот талент, кога за прв пат почнува да добива награди, најпрво на државно ниво, а потоа и надвор од границите. Младиот Даријан Шекеров од годинава е средношколец во прва година во ,,International High School” во Скопје, а негова најпозната бесплатна апликација е “Сликозбор”, преземена над 10.000 пати, а наменета за лицата со аутизам, за полесно да комуницираат со своите
најблиски. За апликацијата “Слико збор”, лани, ја освои светската награда ,,World Summit Youth Award” во категорија „Борба против болести и глад“ и во конкуренција од 300 земји и неколку илјади претприемачи со проекти од цел свет. светот. -Слични апликации постојат, но на странски јазици. Јас направив на македонски. Апликацијата се развиваше и добиваше повеќе содржина и поддршка од дефектолози, од родители на деца со аутизам и стануваше попозната и поголема. Апликацијата зборува место нив, лицата само одбираат слика, која покажува некое дејство или предмет. Има разни активности, намети или желби кои може да се искажат преку апликацијата-, раскажа Даријан.
Апликацијата има позитивен одзив кај корисниците, а Даријан е горд на тоа и на големата награда, која е и афирмација на Македонија. Неговите почетоци со информатиката започнале пред три години, кога почнал да учи програмирање преку интернет, а потоа и да посетува курсеви. Тогаш почнал и да се натпреварува, но и да развива веб апликации и страници. Владее 8 програмски јазици, а зборува англиски и германски јазик. Друга негова позната апликација, преку која децата од претшколска возраст може да ја учат македонската азбука и зборови, е „Шарена азбука“. Таа е еден вид надополнување на ,,Слико збор”, објасни тој. Даријан, својата иднина ја гледа во информатичките науки, а рече и дека ќе продолжи да изработува апликации со кои ќе им го олеснува секојдневието на луѓето.

Оваа веб-страница е изработена во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија (Користи факти)“, кој се реализира од Институтот за комуникациски студии. Проектот е финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени на оваа веб-страница не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.