Активирај се | Создадено од вас |

Инклузијата на учениците со попреченост – предизвик за образовниот систем во државава

feat-img

Трансформацијата на специјалните училишта во центри за поддршка, каде што главна улога ќе имаат образовните асистенти, беше неопходна промена во образовниот систем за децата со попреченост да го остварат правото на еднакви можности за образование. Но, што донесе оваа промена и каква е состојбата денес?

Бројот на образовните асистенти ангажирани во текот на последните 3 години постојано се зголемува бидејќи сè повеќе ученици со комплексни потреби и потешка попреченост се вклучуваат во редовното основно образование. За време на учебната 2022/2023 година, вкупно 720 образовни асистенти давале услуга на вкупно 775 ученици, од кои 55 асистенти истовремено давале поддршка на повеќе од еден ученик. Таа учебна година, вкупно 61 ученик со попреченост останал без поддршка од образовен асистент.

Во текот на оваа учебна, 2023/2024 година, според информации од МОН, ангажирани се 820 образовни асистенти, но нема податоци дали и колку ученици со попреченост годинава не успеале да стигнат до асистент.

Зошто образовните асистенти се толку важен елемент?

Со воведување на целосната инклузија, образовните асистенти станаа главна алатка за реално вклучување на учениците со попреченост. Образовните асистенти на почетокот беа примени со доза на скептицизам. Нивните одговорности се сведуваа на реализација на активностите кои беа планирани од наставникот, а во многу училишта имаше многу недоразбирања околу нивните работни задачи.

Дијана, која е образовен асистент, вели дека на почетокот се соочиле со многу предизвици.

„На почетокот оваа работа беше голем предизвик за мене, бидејќи претходно немав никакво искуство со деца со попреченост, но со минување на времето и запознавањето со ученикот, тие предизвици се надминуваат. Не само што сме од помош на учениците со попреченост туку и на наставниците, останатите ученици и родителите“, рече Дијана.

Истото го потврди и образовниот асистент Кристина.

„Еден наставен час не може целосно да ги задоволи потребите на ученикот со попреченост, поради фактот што тој ги воспоставува редот, дисциплината и го координира текот на наставниот час за уште дваесеттина ученици. Доколку ученикот со попреченост не е заинтересиран да ги следи инструкциите и да ги извршува задачите зададени од наставникот, испушта крици, тогаш му се зголемува интензитетот на темпераментноста и може несвесно да повреди некој што му е во близина. Тогаш задачата на образовниот асистент е да најде начин да го смири или да го однесе во сензорна соба (доколку има во училиштето)“, рече Кристина.

Двете асистентки со кои разговаравме работат со исти ученици веќе три учебни години, но тоа не е гаранција дека ќе продолжат со нив и следната учебна година. МОН објавува конкурси секоја учебна година, а распределбата на асистентите зависи директно од Центрите за поддршка. Од нивната одлука зависи дали овие деца можат да добијат и друг асистент. Поради ова, соработката која веќе се остварила помеѓу стручните служби на училиштето, ученикот и родителот би била речиси залудна, иако е неопходна.

Дефектолог во основното училиште „Петар Мусев“, Елисавета Карастојанова, нагласува дека образовните асистенти и покрај тоа што не се носители на образовниот процес, тие учествуваат во изработката на индивидуалните образовни програми на учениците и материјалите кои се адаптираат за потребите на учениците со попреченост.

„Образовните асистенти се покажаа дека се медијатори помеѓу наставникот и ученикот, помеѓу стручните служби и врсниците и ученикот“, вели таа.

За тоа колку е променета ситуацијата по вклученоста на образовните асистенти зборува и Сања Николовска-Јовановски, дефектолог во основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ во Кичево, која веќе 11 години е директно вклучена во процесот на инклузија на учениците во основното образование. Таа вели  дека на почетокот условите за работа со деца со попреченост биле минимални, без основни дидактички средства во училиштата.

„Денес ситуацијата е подобра. Повеќето училишта располагаат со сензорни соби или катчиња, но дидактичкиот материјал мора постојано да се обновува. Доколку имаме само неколку игри, на учениците брзо ќе им здодеат и ефектот од нив нема да биде голем. Училиштата се обидуваат да ги обновуваат овие материјали постојано, некои самостојно, а некои преку проекти, но секогаш може повеќе“, рече Николовска-Јовановски.

Сензорно катче во ООУ „Кузман Јосифоски-Питу“ – Кичево

Дали образовните асистенти треба да имаат посериозна професионална едукација?

Образовните асистенти се веќе незаменлив дел од процесот на целосна инклузија во образовниот процес, но треба да се работи на подобрување на нивната едукација и на системот за нивно ангажирање, со поголема вклученост на здруженијата на родители на деца со попреченост. Како што објаснува дефектологот Карастојанова, образовните асистенти понекогаш доаѓаат без никакво претходно искуство со работа со деца, со обука од само пет дена која ја обезбедува Ресурсниот центар, а потребни се обуки и со Канцеларијата на УНИЦЕФ и со Комитетот за правата на децата при ОН во земјава, затоа што токму овие институции инсистираат на квалитетното инклузивно образование да стане реалност.

„Но, исто така е важно да се одржуваат обуки и за наставниците, во чии што паралелки ќе бидат вклучени учениците со попреченост. Би било корисно да бидат слушнати и предлози на Движењето на родители на деца и лица со телесна попреченост – HBO „Пркос“, како и Националното здружение за социјална инклузија, рехабилитација и општествена интеграција на лицата со посебни потреби – „Соѕвездие““, вели Карастојанова.

Големиот лавиринт кое секое дете мора да го помине за да добие образовен асистент

Друг предизвик е тоа што детето со попреченост влегува во редовна настава и без обезбеден образовен асистент. Потребно е потоа да се чека и со месеци за да се добие ваков асистент, а за тоа да се случи се минува низ вистински лавиринт.

За почеток, детето треба да има официјална потврда за дијагнозата од Заводот за јавно здравје, но пред запишувањето во прво одделение, родителот треба да се обрати и до Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ), каде соодветна комисија повторно ја дефинира и мери попреченоста на ученикот. Мислењето од Комисијата се доставува до родителите, а тие до училиштето. Штом училиштето го добие овој документ, контактира со Центрите за поддршка кои објавуваат јавен конкурс за образовни асистенти. Дури откако ќе се заврши сета оваа одисеја, ученикот може да го добие својот образовен асистент.

„Најголемиот проблем е тоа што МКФ нема законски определен рок до кога треба да го испрати извештајот од извршената евалуација, па се чека и по неколку месеци. Поради ова, може да се случи ученикот и да ја заврши учебната година без добивање на образовен асистент“, објаснува дефектологот Николовска-Јованоски.

Таа истакнува дека овој проблем може да се реши преку поголема координација меѓу институциите.

„Имајќи предвид дека првачињата доаѓаат на упис во мај, треба да се направи напор нивната проценка да биде готова до септември, а за учениците кои веќе имаат асистент, а потребни се нови евалуации, можеби треба да се изнајде начин учениците да бидат викнати барем една недела пред завршувањето на старата проценка“, предлага Николовска-Јованоски.

На прашањето како во тој случај училиштата се снаоѓаат со децата со попреченост и како оди процесот на инклузија, Николовска-Јовановски одговора дека ученикот никогаш не е оставен сам. Училиштата имаат формирано Инклузивен тим којшто работи постојано на изнаоѓање идеално решение.

„Притоа, придружбата на ученикот се одредува според потребите. Дали во училницата ќе биде дозволено да биде присутен родител, член на стручна служба (дефектолог, социолог, педагог или психолог) или пак самиот наставник ќе биде задолжен за поголема асистенција“, вели таа.

Кога веќе еднаш ученикот ќе добие образовен асистент, тоа не значи дека одењето од врата на врата завршило. МКФ има обврска да прави повторна евалуација на состојбата на ученикот на една или две години.

Лавиринтот станува уште потежок и поради фактот дека комисии од МКФ нема во секој град од државата, туку учениците треба да патуваат најчесто до Скопје. Во изминатиот период формирани се вакви комисии  во Битола, Гостивар, Велес, Струмица, а во тек е формирање и во Охрид

„Можеби треба да се размисли за формирање на комисии во секој град, за да не се случи маргинализирање на децата од помалите градови“, вели Николовска-Јовановски.

Зошто државава спроведува инклузија за која системски сè уште не сме подготвени?

Инклузијата како забрзан процес на целосно вклучување на учениците со попреченост во училиштата низ земјава доаѓа по многубројните меѓународни оценувања како ПИСА, ПИРЛС и ТИМСС. Тие покажуваа дека земјата не ја исполнува обврската да обезбеди квалитетно образование за сите деца еднакво и без дискриминација. Токму поради тоа, од 2017 година, со поддршка на УНИЦЕФ, МОН забрзано се работи на отстранување на тие забелешки. Во 2019 година е донесен нов Закон за основно образование, во кој се предвидуваат многубројни промени во образованието, а во 2020 година беше изработена и Концепција за инклузивно образование. Крајната цел на овие промени е целосна интеграција на учениците со попреченост во редовната настава, при што ќе се внимава на сите нивни потреби.

Овој пат е започнат, но за да се постигне саканата цел – вистинска инклузија на децата со попреченост, потребно е да се реагира на време и да не се игнорираат пропустите кои се појавуваат, а на кои укажуваат стручните кадри и родителите на децата со попреченост.

Авторки: Александра Спасевска, Ангелина Јанчева, Марија Тодосова, Ивана Димовска