Активирај се | Создадено од вас |

14 февруари – Ден на љубовта и лозарите

feat-img

Во Македонија истовремено се празнуваат и Свети Трифун и Свети Валентин, иако постојат различни ставови околу тоа кој празник треба да се слави.

14 февруари – ден кој најчесто го посветуваме на љубовта, но и на религијата. Лозарите го слават Свети Трифун, заштитникот на лозјето и виното, додека, пак, вљубените ја слават љубовта, празнувајќи го Свети Валентин.

И покрај тоа што Свети Валентин се смета за празник за христијаните припадници на католичката религија, тој стана нашироко прифатен и уште се нарекува Ден на вљубените. Многумина ќе го поминат во друштво со саканата личност, на романтични вечери, ќе се разменуваат подароци – или едноставно ќе се разменува љубов.

Букет рози, мече и балони во форма на срце се најчестиот подарок за Свети Валентин

Од друга страна, во православната религија, 14 февруари е ден посветен на Свети Трифун, празник поврзан со лозарството и виното. Овој светец се смета за заштитник на лозарите, поради што во многу делови од светот, овој ден се прославува со обреди и фестивали посветени токму на виното и на грозјето.

Традиционално на 14-ти февруари се закројуваат лозјата

И тука доаѓаме до дилемата што треба да се слави? Ова понекогаш се претвора во битка меѓу комерцијалното и традиционалното, и додека едните уживаат во друштво на пријателите со чаша црвено вино, другите ѝ се препуштат на романтиката.

Анастасија Ѓошевска ученичка во СОУ „Перо Наков” од Куманово вели дека ќе го слави Денот на вљубените, но сè уште размислува како да го изненади своето момче.

„Сметам дека не би требале да сме обврзани со тоа, но убаво би било како еден мал знак на внимание да се купи некој подарок“.

Од друга страна, во домот на ученичката Тамара Трајковска, на овој ден се слави Свети Трифун, како домашна слава. Таа ни раскажа како тие го прославуваат тој ден.   

Јас преферирам да го славам Свети Трифун, бидејќи тоа е нашата куќна слава. Преку ден го поминувам времето со моите дома, имаме гости, пиеме црвено вино, бидејќи тоа е обичај на Свети Трифун. Навечер ќе одам некаде на некоја забава со другарките.

Катја Стефановска, пак, вели дека ги почитува обата празника.

Ги гледам луѓето околу мене, и ми е мило што денот – 14 февруари го живеат така како тие што сакаат. Не сметам дека треба да се налага кој каков празник да слави. И нема потреба од никакви предрасуди поврзани со оваа тема, вели Катја.

Во Македонија истовремено се празнуваат и Свети Трифун и Свети Валентин, иако постојат различни ставови околу тоа кој празник треба да се слави. Сепак ќе признаете, нема ништо поубаво од тоа да се одбележи овој ден со саканите.

Автори: Луна Димковска и Стефанија Мартиновска, ученички во СОУ „Перо Наков” Куманово