Активирај се | Создадено од вас |

Балканското општество инспирација за романот „Савевски“- Интервју со писателката Анастасија Лефкоска

feat-img

Љубовта кон творењето и пишувањето, несомнено претставува една искра која извира од длабочините на една душа. Душа која мечтае, која сонува, душа чии крилја може да ве однесат високо на небесната шир и да ве вратат во реалниот свет. Само со читање на една обична книга може да пропатувате низ многу светови, да проживеете многу животи и да се радувате и плачете со многу ликови. Но дали денес младите читаат и творат на мајчин јазик, и од каде желбата, љубовта и инспирацијата за таа да пишува, ни одговори младата талентирана писателка, Анастасија Лефкоска од Гостивар, студент по англиски јазик на Филолошкиот факултет , а неодамна го издаде и нејзиниот нов роман ,,Савески”.

Кога ви се појави љубовта кон литературата и желбата за пишување? Дали од секогаш била присутна кај вас или пак се појавила во одреден период од вашиот живот?

Анастасија Лефкоска: Мислам дека љубовта кон литературата и желбата за пишување отсекогаш беа тука, само јас бев ептен малечка, па не знаев како да ги наречам. Како дете смислував приказни, веќе во основно почнав да ги запишувам на хартија, а во средно ја напишав и издадов првата новела.

Зошто на Филолошкиот факултет одбравте англиски, а не македонски јазик?

Анастасија Лефкоска: Многу се мислев помеѓу двете, искрено. Англискиот победи за само неколку нијанси. Со англискиот имам повеќе слобода и како автор, читател и книжевник, но и како филолог, преведувач и професор (ако се одлучам за тоа) и по скоро четири години, мислам дека ја донесов правилната одлука за себе. Тоа не значи дека имам застанато со проучување и читање на македонската книжевност, напротив изборот на англиски на факултет ме натера повеќе да го вреднувам нашиот јазик и да разберам дека едноставно некои работи најубаво звучат само кога се кажани и напишани на македонски.

Како се гледате за 10години?

Анастасија Лефкоска: За 10 – тина години би требало да имам исполнето барем четвртинка од она што го имам замислено, секако никој не може да знае и планира со сигурност, но треба да се има некој темел од кој човек треба да почне да си ја гради иднината.

Дали мислите дека желбата кај денешната младина за читање книги и творење на мајчин јазик изумира?

Анастасија Лефкоска: Не мислам дека желбата за читање и творење е изумрена, напротив мислам дека е оживеана, сега повеќе од било кога. Кога јас бев дете, скоро и како да беше срамота некој да чита или пишува, но сега сѐ повеќе и повеќе млади (и не само младите) се вртат кон Стефановски, Андреевски, Шопов, па и кон современите македонски автори кои полека се пробиваат на книжевната сцена. Поезијата и прозата во моментов, во нашата држава како да земаат залет, што ќе биде понатака со тоа, ќе видиме.

Кој или што ли ви беше инспирација за да го создадете делото ,,Савески” ?

Анастасија Лефкоска: Инспирацијата воглавно беше нашето балканско општество и луѓето во него. Жртвите кои тие ги прават за она што мислат дека е правилно и затоа што „така треба“. Сакав да напишам книга за она што е меѓу редови, она што се молчи и она кое полека јаде одвнатре, притоа прикажувајќи ги гледните точки на сите страни зафатени и така настана „Савески“ –  еден современо-феминистички роман за животот и смртта, за недостигот, за возовите кои поминале, за љубовта, за притисокот на традицијата и несреќата која таа ја носи.

Кој е вашиот омилен лик од делото ,,Савески”, а во кој  најмногу се пронаоѓате?

Анастасија Лефкоска: Ова е тешко прашање, морам да признаам. Како автор на делото, сите ликови ми се блиски (некои повеќе, некои помалку) и сите си имаат своја одредена функција во приказната, но ако морам да изберам тоа би бил ликот на Јованка. Таа е единствената во куќата на Савески што е таму по свој избор и ретко (ама неискрено) се кае за тоа. Реална е и не се плаши да го каже она што сите го молчат и го кријат под тепих, а ликови во кои би се пронашла (донекаде) се и Марија и Јованка. Марија, затоа што љубовта кон литературата која ја носи во неа ми е многу добро позната, а Јованка поради одлучноста, храброста и смислата за хумор која се појавува неочекувано и остро.

Автори

Јована Дабевска, ученичка во СОМУ „Гостивар“ Луциа Василеска, ученичка во СОМУ „Гостивар”