Будни ли сте?
Јас сум само една обична наставничка во мал, истрошен, изнемоштен, загаден град, каде што различноста може да те убие од предрасудите на неистомислениците. Ако не припаѓаш во приказната, која е пишано правило за наставник длабоко навлезен во комфорната зона, тогаш или си со некоја задна намера, политички став на некоја спротивна структура, имаш некој личен интерес, се промовираш, рекламираш или, пак, не си нормален.
Беше пролетен ден. Веќе длабоко навлегуваме со моите шеснаесетгодишни ученици и моите две деца во потребата да направиме нешто во Битола преку дискусии од секој вид, работа на себе, работа на нашата лична свест. Секако, она што можеме, во рамките на дозволеното. Решивме да почнеме да чистиме.
Имаше потреба да се постави една дисциплина во свеста на нашиот народ во врска со фрлањето на ѓубрето. Убедени дека ќе бидеме исвиркувани, несфатени, уловени дека правиме нешто надвор од дисциплинските норми на свеста на малиот град, тргнавме во поход. Прв поход, чистење на Дом за доенчиња. Другиот ден, секоја социјална мрежа беше со веста за истото. Одекна. Како да се чекаше нешто од овој вид. Повратните информации беа 50:50. Едните нѐ поздравуваа, другите беа убедени дека се рекламираме. Не можевме да сфатиме како е рекламирање да убедиш дете дека по јадењето смоки и по пиењето сок, ѓубрето не треба да го пушти на земја туку во канта за отпадоци. Како е рекламирање ако на возрасен човек му кажеш дека купот од сончоглед што го направил пред својата клупа на корзо е неверојатно мизерен потег. Или, пак, потсетувањето за луѓето дека догорчињата од цигарите се исто така ѓубре и дека некој потоа треба да ги мете.
Следуваа акции од секаков вид. Следуваа нови волонтери. Следуваа родители на моите ученици. Следуваа ученици и наставници од други училишта.
Следуваше чистење на депонии каде што никој не влегуваше, каде што секој велеше „не е моја надлежност“. Следуваше поддршка. Голема. Секоја голема компанија нѐ поддржа. Секој медиум којшто значи нешто. Битолските пекари и ресторани нѐ хранеа, случајни минувачи нѐ поддржуваа и се придружуваа. Имаше и такви кои сакаа да нѐ обесхрабрат, прашувајќи дали навистина мислиме дека ќе ја исчистиме Битола. Не. Не мислиме, убедени сме дека нема. Меѓутоа, дека направивме и правиме промена во совеста од младо до старо, нема човек што може тоа да го оспори.
Ова е накратко нашата приказна. Сакам истата да стигне до секој наставник кој решил да го посвети животот во едукација на деца. Моќта е во нас. Имаме минимум по 30 ученици со кои заеднички можеме да правиме позитивни општествени промени. Не седете и не чекајте да заврши часот. Инспирирајте ги. Извадете ги потенцијалот, креативноста и добрина од нив. Еден ден ќе ви бидат благодарни за базата која сте им ја создале. Ќе го запаметат вашето име. Научете ги да реагираат на неправди и да го прават ова место подобро место за живеење. Бидејќи ова е нивниот дом.
Марија-Магдалена Петковска-Микаровска, професорка по англиски јазик во Средното медицинско училиште во Битола #МетиСиСоКласнето