Фузија на Идеи: Младите не се жалеа, учеа и работеа да ги решат проблемите
Над 50 средношколци меѓу кои и активисти на Црвен крст на град Скопје, кои учат на различни наставни јазици, работеа и учеа заедно преку низа активности насочени кон поттикнување на креативно размислување кај младите во рамки на летниот камп на Центарот за Фузија на Идеи – ЦФИ.
Со поддршка на училишни координатори, учениците беа дел и од младинска акција, односно подготвија пакеттиња со симболични подароци за пациентите во Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид. Откако беа подготвени 50 пакети од сите учесници во кампот, секој ученик напиша порака со добронамерни мисли, а потоа група ученици им ги оставија пакетите на пациентите во болницата и им посакаа брзо опоравување.
Извор: Македонски центар за граѓанско образование
Лина Христовска, ученичка во основното училиште ,,Гоце Делчев” од Битола вели дека ова учество за неа претставува едно прекрасно искуство кое ќе и биде корисно во иднина бидејќи присуствувала на повеќе обуки од различни области.
Активности кои се одвиваа во хотелот Белви – Метропол, Охрид, во јули годинава ги поврзаа учениците и мотивираа да размислуваат и дискутираа за креативни решенија за проблемите што ги идентификуваа во општеството. Покрај тоа, учениците имаа можност да слушнат инспиративни приказни за мали проекти реализирани во рамките на програмата ПХВ (Промоција на Хумани Вредности) на Црвениот крст.
Извор: Македонски центар за граѓанско образование
За време на кампот, координаторите од секое училиште се вклучија во активностите со цел да поттикнат и овозможат идна поддршка на ученичките иницијативи во рамките на своите училишта.
ЦФИ е неформална младинска група во која високо мотивирани средношколци, кои се членови на училишните парламенти во своите соодветни училишта, учествуваат во развивање и спроведување на креативни идеи за подобрување на околностите во општеството.
Целта на проектите на ЦФИ е вмрежување на сите млади ученици од различни култури така што ќе направат позитивни промени во општеството и ќе докажат дека се слуша гласот на младите.
Оваа активност е дел од проектот за младинска етничка интеграција, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на САД (USAID).
Автор: Милена Ѓуроска, средношколка во СОЕПТУ ,,Кузман Јосифоски-Питу“ – Прилеп