Активирај се | Создадено од вас |

Големата кашлица ги оживеа пунктовите за вакцинација

feat-img

Трендот на антиваксерство што изминативе години беше особено актуелен како последица на Ковид пандемијата, предизвика отпорност кон вакцинацијата, но стравот од големата кашлица ја врати гужвата и метежот пред скопските пунктови за вакцинација.

Родителите затечени од моменталната епидемија брзаат кон пунктовите за да ги вакцинираат своите деца. Откако Комисијата за заразни болести на 7 февруари препорача на Министерството за здравство да прогласи епидемија на голема кашлица на територијата на Скопје, пунктовите за вакцинација на децата со вакцината ДиТеПер оживеаа. Родителите добија дополнителна мотивација за вакцинација на своите деца откако беше препорачано од Комисијата за заразни болести невакцинираните деца да не се примаат во градинка. Децата кои што се под две години возраст се во најголема опасност за зараза, предупредија од Комисијата за заразни болести.

„Поради еден тренд на антиваксерство, почнаа родителите самоиницијативно да не ги вакцинираат децата и поради тоа ни се случува моменталната состојба, да има метеж за вакцинирање“, изјави д-р Катица Манакозова, специјалист инфектолог во ЈЗО Општа болница Струмица.

Бројот на заболени расте

Бројот на заразени од големата кашлица од ден на ден расте. Институтот за јавно здравје на 8 февруари регистрираше 22 случаи на голема кашлица, што претставува повеќе од двојно зголемување на бројот на заболените. Во претходниот петгодишен период од 2019 до 2022 беа регистрирани само 9 случаи. Заклучно до 17 февруари бројот на заразени се зголемува за 21%, односно се регистрирани уште 17 нови случаи. Во последните седум години се регистрирани 51 смртен случај на голема кашлица во Македонија. Бројот на починати од голема кашлица во 2021 и 2022 година се сведува на нула, но докторите предупредуваат дека без вакцинирање тоа може да се промени во миг.

Двојните смени во скопските вакцинални пунктови не го намалија метежот. Во некои од нив родителите заедно со своите деца чекаат во редица и по еден час. Но и покрај тројно зголемениот интерес за вакцинација, некои од родителите се уште изразуваат загриженост, особено околу квалитетот на вакцините.

„Секогаш имав и грижа и страв, затоа што немам сигурност во квалитетот на вакцините. Имам секакви искуства околу мене што со блиски пријатели, што со роднини, кои  велеа дека може да има проблеми по примањето на вакцината“, вели скопјанката Јасмина.

Од друга страна се и оние родители кои не се сомневаат во квалитетот на вакцините.

„Следејќи ги информациите објавени околу квалитетот, тие се подобрени во однос на претходните години. Земајќи во предвид дека имам полнолетни деца, сега квалитетот е подобар во однос на тие вакцини што тогаш се  примаа“, вели скопјанката Д.С.

Докторката Катица Манакозова вели дека вакцините се целосно безбедни, дека нема потреба родителите да се плашат и дека напразно се шири таа фама. Таа ги уверува родителите во квалитетот и ефикасноста на вакцините. Дополнително наведува дека има голем број на научни студии кои ја оспоруваат поврзаноста на аутизмот со МРП вакцината.

„Како едни од најважните научни достигнувања во современата медицина, вакцините се наједноставниот, најбезбеднниот и најделотворен начин за заштита на децата во раното детство. Вакцините се едно од најважните достигнувања на човештвото“, вели Манакозова.

Важноста на вакцинацијата ја потенцира и доктор Злате Мехмедовиќ, кој е член на Комисијата за заразни болести. Тој вели дека вакцинацијата е најефикасна одбрана од болеста

„Вакцинацијата е најбезбедниот начин да се спречи, останатите се само методи со кои што може да се ублажи можноста за инфекција, како што е носење на маска, избегнување на контакти, изолација на веќе заболени итн“, смета Мехмедовиќ

Запишувањето во градинка дополнителен мотив за вакцинација

Препораката на Комисијата за заразни болести да не се примаат вакцинираните деца во градинките ги мотивираше родителите што побрзо да го решат вакциналниот статус на нивните деца. Министерот за труд и социјална политика во техничката влада Ѓоко Велковски најави проверка на градинките од страна на инспекциски служби, кои доколку е потребно имаат надлежност да интервенираат за да се спречи епидемијата.

„Ни имаат побарано копија од книшка, кои вакцини се примерни и при упис ни бараат зошто не се примени“, изјави скопјанката Јасмина.

Во некои од скопските градинки се води евиденција на вакцинирани и невакцинирани деца.  Истите се ажурираат доколку се промени вакциналниот статус на децата.

„Нашата градинка води евиденција за бројот на вакцинирани и невакцинирани деца по групи, согласно препораките на Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство и редовно ги ажурира податоците. Ако дете во меѓувреме се вакцинирало, примило некоја вакцина, се регистрира во нашите списоци“, вели Цветанка Милкова, в.д. директорка на градинката „Буба Мара“ во општината Аеродром.

Таа наведува дека зимските месеци се забележува најголемо отсуство на децата.

„Значителен број на отсутни деца нема во нашата градинка. Има отсуство на деца кое е исто во овој период од годината, во зимските месеци, кога се и најчести респираторните инфекции. Во јануари отсуството е позабележително, но тоа се должи на повеќе празници во овој месец, на зимскиот распуст, многу родители користат и одмори и децата не ги носат во градинка. Моментално има мал дел на отсутни деца кои родителите ги носат на вакцинација со ДиТеПер вакцината, т.е. најчесто пропуштена ревакцинација“, изјави Цветанка Милкова.

Вакцините спасуваат животи

Со помош на вакцините 4 милиони детски животи се спасени секоја година. За да се обезбеди заштита за децата во раните фази од нивниот живот, се препорачува да се даваат во текот на нивното детство.

„Вакцините го поттикнуваат имунолошкиот систем преку создавање на антитела и го подготвуваат телото да препознае и да се бори со т.н. микроби, односно вируси и бактерии. Вакцините не предизвикуваат болести и не го изложуваат детето на ризик од компликации бидејќи тие содржат само умртвени или ослабени микроби“, се вели во научните студии.

Благодарение на вакцините и високата стапка на вакцинација глобално, родителите не мора да стравуваат дека нивните деца ќе починат или ќе страдаат од доживотна попреченост како што се полио, голема кашлица, малите сипаници и многу други. МРП вакцината ги заштитува децата од мали сипаници, заразни заушки, рубеола и потребно е родителите уште на едногодишна возраст да ги вакцинираат своите деца. ДиТеПер вакцината ги штити децата од заразни болести како што се дифтерија, тетанус и пертусис. Оваа вакцина се прима во цела Европа, Америка, како и во Македонија, и е исклучително важно да ја примат малите бебиња бидејќи ги штити од голема кашлица која претставува бактериска зараза којашто трае 100 дена. Доведува до голема исцрпеност кај бебињата, неможност да земат воздух и е особено опасна болест за оние кои се на најмала возраст, бидејќи тие немаат развиен имунитет и не се на возраст кога може да се вакцинираат.

Сепак, се забележува пад во вакцинацијата во Македонија. Задолжителната имунизација во 2020 година се спроведуваше со опфат за примовакцинација и за ревакцинација под препорачаните 95%, и за сите вакцини е под 90% на национално ниво. Во текот на 2020 година, примовакцинацијата со вакцините против заболувања кои ги предизвикува хепатитис Б има опфат од 83,6%, додека примовакцинацијата против хемофилус инфлуенца тип Б, ДиТеПер и ИПВ имаат идентичен опфат од 83,9%. Опфатот на вакцините вклучени во поливалентните вакцини (хепатитис Б, ХиБ,ДиТеПер и Полио) бележи опаѓање во однос на 2019 година. МРП вакцинацијата е реализирана со опфат од 63,0% што преставува значително намалување на опфатот во однос на 2019 година, од 93,1% на 63,0%.

Дезинформациите за вакцините и погрешните претпоставки и верувања кои се стекнуваат поради нив претставуваат голем проблем. Тие ја намалуваат довербата на родителите во вакцините и нивниот квалитет. Истражувањата на глобално ниво покажуваат дека едно од пет лица верува дека некои вакцини предизвикуваат аутизам кај здрави деца, а 38% не се сигурни дали тоа е точно или не. Процентот на луѓе кои веруваат во тоа варира од неверојатни 44% во Индија до 8% во Шпанија. Ендрју Вокфилд, кој не е доктор, во 1998 година во весникот Ланцет ја објавува оваа информација. Тој изјавил дека МРП вакцината можеби е поврзана со појавата на аутизам. Но, она што не спомнал е дека бил платен од адвокати кои биле против производителите на МРП вакцината. Подоцна таа изјава е повлечена од списанието. Овој наплив на дезинформации се појавува и денес.

Автори: Теодора Аксентиевска, Данче Ичева, Јован Чапов

Текстот претставува финална задача изработена на Мастер часовите за медиуми и новинарство на Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.