Активирај се | Создадено од вас |

Интервју со организаторката на првиот Ден на новинска ангажираност во САД

feat-img

Минатата недела САД прв пат го прославија Националниот ден за новинска ангажираност (анг. National News Engagement Day). Целта на оваа голема медиумска активност е да се побуди изгубениот интерес на јавноста за вести, особено кај младите, кои според бројните истражувања, се помалку читаат и се информираат за случувањата околу нив.

Пола Поиндекстер, претседателка на Асоцијацијата за новинарско образование и масовни комуникации во САД и професор на Школата за новинарство при Универзитетот во Тексас ја иницираше оваа идеја која имаше огромен одзив и поддршка како од медиумите, така и од образовните институции ширум земјата. „Медиум“ разговараше со неа за овој голем настан кој ветува надеж за медиумската и новинската писменост.

Медиум: Како произлезе идејата за Национален ден за новинска ангажираност? Имаше ли некои истражувања за навиките за читање кај младите во САД?

Пола: Дојдов до идеја за востановување Национален ден за новинска ангажираност додека ја пишував книгата „Милениумци, вести и социјални медиуми: Дали новинската ангажираност е мината работа?“. За целите на книгата направив национално истражување и заклучокот беше дека вестите не се приоритет за младите родени во 80-тите и 90-тите. Дел од причините зошто овие генерации не се интересираат за вести е поради поголемиот интерес за социјалните медиуми. Но, дел од проблемот е и тоа што медиумите ги игнорираат младите при информирањетото и не се обидуваат да ги ангажираат. Па, дури и кога информирале за нив, тогаш тоа најчесто било во негативен контекст или пак ги стереотипизирале.

Дополнително, при истражувањето за мојата книга, ги видов анализите на „Пју Рисрч Центарот“ (Pew Research Center). Оваа организација, која редовно спроведува истражувања, заклучила дека речиси една третина од младите воопшто не добиваат вести. Во студија на Северо-западниот универзитет и Асоцијацијата за весници на Америка се заклучува дека тинејџерите би сакале да бидат информирани, но не сакаат да трошат многу време за тоа.

Тргнувајќи од важноста да се биде инфомиран, почуствував силна потреба дека нешто треба да сториме со што кај нацијата ќе се истакне улогата на вестите и важноста да се биде информиран. Попрецизно, како што и велам во книгата, треба во текот на годината да определиме еден ден во кој ќе го „вратиме активниот интерес на јавноста за вестите, без разлика на генерациите“. Како претседател на Асоцијацијата за новинарско образование и масовни комуникации (Association for Education in Journalism and Mass Communication- АЕЈМС), го иницирав Националниот ден за новинска ангажираност, како една од моите најважни иницијативи.

Медиум: Како помина настанот? Дали американските медиуми ја поддржаа идејата?

Пола: Националниот ден за новинска ангажираност доживеа огромен успех. Се организираа активности во 44 држави, во округот Колумбија и седум други држави: Австрија, Канада, Египет, Франција, Холандија, Казахстан и Шпанија.

Брајан Вилијамс, најпознатиот ТВ водител на мрежата на „Ен-Би-Си“ во видео порака изјави дека целта на Националниот ден е „од витално значење“ и „основа за здрава демократија“. Во чест на Националниот ден за новинска ангажираност, весникот „Њујорк тајмс“ направи апликација за мобилен телефон „NYT Now”, која беше бесплатна секому за една недела. Двајца гувернери и еден градоначалник го прогласија 7-ми октомври како Национален ден за новинска ангажираност. Пет национални организации за новинарство го прифатија Националниот ден за новинска ангажираност.

Новинарите од 48 ТВ станици со овој ден ја почнаа едномесечната иницијатива за вклучување/ангажирање на публиката преку социјалните медиуми и правејќи ги вестите „вистинска конверзација“. Беа објавени над 20-тина статии и интервјуа за Националниот ден на новинската ангажираност. Активностите се споделуваа преку Твитер, Пинтерест, Ју-Тјуб и Фејсбук. И, можеби, како никогаш досега во историјата, се читаше и збореше за вести, се „твитаа“. Денот се славеше на факултетските кампуси, во училниците, пред аудиториуми, низ ходници, лифтови, кафулиња и редакции.

Медиум: Планирате ли иницијатата да прерасне во традиционален настан? Кои се плановите за догодина?

Пола: 7-ми октомври беше првиот Национален ден на новинска ангажираност, кој понатаму ќе се слави во секој прв четврток во октомври. Следната година настанот ќе се слави на 6-ти октомври. Целта ќе биде да се надгради моментумот од првата година и да се вклучат сите 50 американски држави, како и земјите во регионот. Исто така, се надевавам дека можеме повеќе да се посветиме на новинската писменост  така што публиката ќе биде подобро информирана за целта, процесот и принципите на новинарството.

paula1Медиум: Вие сте повеќе фокусирана на анализа на односите меѓу младите и нивната современа пасија кон социјалните медиуми. На што повеќе треба да бидеме фокусирани, ние едукаторите, новинарите, родителите и медиумите: на медиумска или новинска писменост? Поважно ли е да се биде информиран преку вестите за случувањата околу нас или пак да се биде способен да се пристапи, анализира, продуцира и оцени една медиумска порака во оваа ера на информации?

Пола: Медиумската писменост овозможува вештини и знаења за критичко размислување за да се разбере и оцени еден медиум, вклучувајќи како одредена содржина е продуцирана, целта на содржината, (да информира, убедува или забавува?), саканиот или несаканиот ефект од таа содржина и улогата и придовката на медиумот во општеството. Додека медиумската писменост е сеопфатна, новинската писменост (news literacy) е за новинарството: неговата цел, принципи, процеси и содржина. Вештините и знаењата за критичко размислување се неопходни за да може се оцени веста и изворите на веста според очекувани стандарди, вклучувајќи ја веродостојноста.  Деканот и основач на Центарот за новинска писменост при „Стоуни Брук“ Универзитетот вели дека преку новинската писменост се овозможува да се „разделат легитимните вести од дезинформациите, пропагандата, спинот и непотврдените информации“.

Како што постои медиумска и новинска писменост, треба да постои и писменост за социјални медиуми (social media literacy), особено сега кога тие станаа платформа на 21-иот век преку која се дистриубираат вестите за дистрибуирање и ангажирање со вести.  Вештините и знаењето за критичко размислување се исто толку важни, ако не и повеќе, за проценка на вестите добиени преку новите медиуми.

Јас силно верувам дека младите треба да се описменат за медиумите, за вестите, за социјалните медиуми и дека тие треба да се заинтересираат за вестите за да можат да ги извлечат придобивките од нив. Заинтересираноста вестите да се базираат на веродостојни информации им дава авторитет на медиумите и ја унапредува медиумската, новинската и писменоста за социјалните медиуми.

Медиум: Со една реченица, што би ги советувале средношколците во врска со употребата на социјалните медиуми и новинската писменост?

Пола: Умно користете го времето што го поминувате на социјалните медиуми и вклучете се во вестите информирајќи се за светот во којшто живеете.

Автор: Александра Теменугова, Висока школа за новинарство и за односи со јавноста