Активирај се | Создадено од вас |

Интервју со проф. д-р. Јордан Стојаноски

feat-img

Познато е дека кодификациjата на македонскиот литературен јазик се случи на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година. Тогаш нашиот македонски jазик е официјално озаконет како литературен.

 – Дали можеме да зборуваме за најмлад меѓу другите словенски литературни јазици? И уште едно потпрашање како се одрази ова ,,задоцнето” кодифицирање врз развојот на нашиот литературен јазик?

Да, кодификацијата на македонскиот литературен јазик се изврши на овој голем историски ден. И нашиот јазик како литературен, па и стандарден е најмлад во големото семејство на словенски зазици. Но треба да имаме предвид дека пред званичната кодификација имаме еден подолг период на стандардизација на јазикот, во која земаат учество познати македонски лингвисти: Пулевски, тнр. Лозари и на прво место Крсте Мисирков. За вас гимназијалци и идни студенти е многу важно да знаете дека нашата лингвистичка дијахронија е многу стара и може да се следи од 9 век наваму: тоа е епохата на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент и Наум, големиот лингвист Црноризец-Храбар и други. Тогаш е создаден старословенскиот јазик, првиот сесловеснки литературен јазик, а како основа се земени македонски говори, значи македонски народен јазик.Тоа за нас е голем комплимент и треба да бидеме горди!

-Познато е дека македонскиот народ имал тешка и мачна историја. Нели е своевиден национален подвиг во таа вековна злодоба да го зачува јазикот?

 Добро прашање на кое кратко ќе одговорам: тогаш кога сме немале држава, кога сме биле апатриди без институции, сме го имале СЕМЕЈСТВОТО како татковина во мало. Таму, на домашното огниште се чувале обичаите, се пееле народни песни, се раскажувале приказни. Нашите баби и дедовци љубоморно го чувале и го дочувале светиклиментовото пламенче во кандилцето пред иконата на домашниот светец. Тоа свето пламенче е нашиот народен јазик врз основа на кој е кодифицирана литературната форма. Да се потсетиме на познататата максима на професорот Б. Конески: „Јазикот е нашата татковина”

 -Сега едно актуелно прашање за меґусебните влијанија на современите jазици.     Поконкретно: дали нашиот, македонски јазик, е загрозен од некој светски јазик со побогата литературна традиција, на пример англискиот?

Јазикот не е статичен и непроменлив, тој е жива материја. Ниеден говорен и писмен јазик не останал без влијание од друг старогрчкиот(хеленски) јазик исто и латинскиот се терминолошка основа на многу научни области, а извршиле влијание и врз јазикот на комуникација!

-Францускиот јазик влијаел врз англискиот(во текот на 19 век).

-Денес, во македонскиот јазик имаме преземено многу термини од англискиот јазик! И тоа е неизбежно ние не сме го измислиле компјутерот, лаптопот, хардверот; софтверот…

-Но сепак се алармира за претерана употреба на англиска лексика…

Да, твојата констатација е точна за некои зборови имаме наши термини! За жал јазикот ни е контаминиран со непотребни заемки.

-Да, такви термини има во сленгот на мојата генерација.

Да, македонскиот jазик е контаминиран и во јавниот говор на пратениците, министрите, наставниците, новинарите…Тие непотребни странски термини упорно навлегуваат во јазичната практика и тешко се искоренуваат.

Сите сакаат да кажат ригидно, морбидно, ексклузивно, тајминг, брифинг, итн. Некои ги употребуваат овие туѓи лексички форми за да си дадат себеси учена важност, други заради снобизам, трети за да го заматат значенето на сопствениот исказ итн., а сето тоа е одраз на недоволна комуникативна писменост.

Нашите издавачки куќи имаат објавено голем број стручни и бестселеристички преводи. Како го оценувате квалитетот на преводите? 

Квалитетот на тие преводи не е уедначен! Има преводи кои се навистина брилијантни на прекрасен македонски литературен јазик. Но поголем број од преводите, можам да наведам многу примери од едицијата „Нобеловци” кои се многу лошо преведени и речиси нелекторирани. Ако побарате причина, jас би jа навел:  се добива впечаток дека преведувачите можеби го знаат јазикот на оригиналот (англиски, француски итн.), но парадоксално, не го совладале на потребно ниво својот мајчин, македонски јазик. Слична е ситуацијата и со лекторите кои треба да ја направат последната јазична проверка пред објавување на книгата. Се добива впечаток дека или не ја извршиле корекцијата или,што е поверојатно, не знаеле да ја извршат.И покрај тоа што за таа нивна, високо стручна лингвистичка дејност добиле сертификати и штембили. Како пример за одличен преведувач кој совршено го познава македонскиот јазик е големиот турски и македонски писател Илхами Емин, кому мајчин јазик му бил турскиот.